54654

Ве запознаваме со новата аргентинска новела „Las Estrellas“

 

За фановите на аргентински серии, повелете една сосема нова продукција

 

Ѕвезди (Las Estrellas) е аргентинска теленовела напишана од Марта Бетолди, Мара Пескио и Сантјаго Гуерти, режирана од режисерите Себастијан Пивото и Лукас Хил, со Адријан Суар како главен продуцент на телевизиската куќа Пол-ка. Серијата се емитува премиерно во Аргентина од 29 мај 2017 на аргентинскиот Канал 13, односно Ел Тресе.

Со оглед на тоа дека овој тип на серии повеќе не се откупуваат на балканските земји, а постојат фанови кои сакаат да ги погледнат, во продолжение ви ја претставуваме "Ѕвезди" и нејзината содржина. За оние кои сакаат да ја погледнат, епизодите може да ги најдете на интернет.

 

Lasestrellas1



Песната Ѕвездите (Las Estrellas) од најавната и одјавната шпица на истоимената серија, ја изведува аргентинската пејачка Даниела Хереро.

Содржина:
Иако делат заеднички татко, сестрите Естреља ги живеат своите животи одделно бидејќи не делат и заеднички мајки. Ова се менува на денот кога нивниот татко Марио Естреља починува, а неговиот погреб е причина за ретка заедничка средба помеѓу сестрите.
Вирхинија Естреља (Селесте Сид) е ќерка на Тереза (Силвија Кутика) - првата сопруга на Марио Естреља, и на Едуардо - братот на Марио Естреља, кој ја прифатил и посвоил Вирхинија како своја ќерка, која не знае дека Марио не е нејзиниот биолошки татко. Флоренција Естреља (Виолета Уртизбереа) е ќерка на покојниот Марио и Тереза. Лусија Естреља (Марсела Клостербоер) и Карла Естреља (Натали Перез) се ќерки на покојниот Марио Естреља и неговата втора сопруга Елиса (Патриција Ечегојен).

 

Lasestrellas2


Миранда Естреља (Хустина Бустос) е ќерка на покојниот Марио Естреља и неговата долгогодишна секретарка и љубовница Констанца "Коки" (Патриција Вигијано).
Наредниот ден после погребот на Марио, 5-те сестри се собираат повторно на читањето на тестаментот на нивниот покоен татко, каде ја запознаваат нивната најмлада 5-та сестра Миранда, за која досега не знаеле дека постои. Во тестаментот, покојниот Марио Естреља им остава 6 милиони долари наследство, кое треба еднакво да биде поделено помеѓу неговите 5 ќерки. Но тестаментот може да се реализира само под еден услов: ќерките мораат да го реновираат и во наредните година дена откако ќе го пуштат во употреба, заедно да го менаџираат хотелот кој нивниот покоен татко исто така им го оставил во наследство, или во спротивно нивното наследство ќе биде донирано за хуманитарни цели.

 

Lasestrellas3

 

Лусија и Карла првично го одбиваат условот и планираат да го оспорат тестаментот на суд, но набргу потоа остануваат без работа, поради што го прифаќаат условот.
Во хотелот Ѕвезди (Estrellas), сестрите Естреља мораат да соработуваат заедно и заедно да донесуваат одлуки, бидејќи опстанокот на хотелот зависи од сите нив заедно, а ако хотелот престане со работа пред да помине зададениот период од 12 месеци, сестрите ќе го изгубат наследството. Покрај новите обврски кои им следуваат со менаџирањето и одржувањето на хотелот Ѕвезди, сестрите истовремено мораат да се изборат со своите лични проблеми, особено на љубовен план.
Вирхинија е адвокатка и веќе 8 години по ред живее со својот дечко и партнер Игнасио (Рафаел Феро), но на погребот го запознава Хавиер "Хаво" Валдез, пријател на Карла, кој е разделен и се подготвува за развод од својата сопруга Аманда (Маја Франсија), со која го има синот Сантјаго (Бенхамин Отеро). Вирхинија почнува да се зближува со Хаво, особено откако тој се вработува во хотелот како главен готвач.

 

Lasestrellas4


Лусија се занимава со односи со јавноста и сака да биде одлучна и силна, неретко навредувајќи ги и` повредувајќи ги луѓето со своите зборови и постапки, но истовремено е желна за убав помин со маж, поради што се зближува и се забавува одвреме навреме со барменот во хотелскиот бар Федерико Алкантара (Николас Франчела), кого го запознава претходно на едно од нејзините предавања за односи со јавноста. Но во меѓувреме, Луција почнува да се зближува и да се забавува и со хотелскиот возач Маријано Монтенегро (Лусијано Кастро), кој успева да и` најде работа на својата поранешна девојка Хулија (Силвина Луна) како собарка во хотелот, со која ја има ќерката Анита (Серена Гомез), а која мора да има редовен работен ангажман за да може на условна слобода да ја помине својата казна за проституција.

 

Lasestrellas5


Карла се занимава со хотелски менаџмент и иако била мажена во матична служба, го оставила својот вереник Себастијан Ле Брун (Езекиел Родригез) на олтарот на денот кога требале да се венчаат во црква и го напуштила, по што Себастијан побарал и успеал да издејствува поништување на нивниот граѓански брак. Карла открива дека Себастијан ќе се жени наскоро со Надја (Инес Паломбо), нејзината поранешна најдобра пријателка, која ја убедила Карла да не се мажи со Себастијан во црква и да го остави бидејќи е премногу млада и неподготвена за брак. Свесна дека била изиграна од својата лажна најдобра пријателка, Карла се обидува, но не успева да го разубеди Себастијан за да не се ожени со Надја. Во меѓувреме, Карла наоѓа утеха кај Маријано, кој не се двоуми да се забавува со нејзе, исто како и со Лусија истовремено.
Флоренсија е најискрената од сестрите Естреља, пред се` бидејќи јазикот вообичаено ја издава не само кога се обидува да лаже, туку и при вообичаен разговор мислите и` излегуваат од устата, неретко во облик на пцовки. Поради ваквата искреност, иако има амбиции за да биде актерка, шминкерка, писателка и бројни други професии, Флор не успева да најде работа. На денот кога го читаат тестаментот на покојниот Марио Естреља, Флор го запознава Дани (Назарено Касеро), кој подоцна и` помага околу занаетските работи во хотелот. Флор и Дани се зближуваат, но Флор е несигурна во своите чувства кон Дани, особено откако неговата поранешна девојка Паула (Ивана Бродовски) се враќа после 2 години поминати во Дубаи. Иако Дани и` става до знаење на Флор дека Паула е дел од неговото минато, сепак Флор останува несигурна во своите чувства кон него, а утеха наоѓа во Хазмин дел Рио (Хулиета Наир Калво) готвачката и десна рака на Хаво во кујната на хотелот, која почнува да чувствува привлечност кон Флор.

 

Lasestrellas6


Миранда е најнепознатата од сестрите Естреља, бидејќи за нејзе најмалку се знае. Миранда студира медицина, но надвор од факултетот работи како ескорт девојката Миа, заработувајќи со давање сексуални услуги на богати клиенти. Миранда се вљубила во минатото во Игнасио, кој ја искористил за сексуално задоволство додека на кратко биле скарани со Вирхинија, по што почнал да ја запознава со свои колеги и клиенти, со кои Миранда почнала да има сексуални односи за кои и` плаќале. Еден од потенцијалните клиенти на Миа е Мануел Еизагире (Гонзало Валензуела), чилеански адвокат и потенцијален партнер во адвокатското студио на Игнасио и Вирхинија. Уверен дека ќе успее да го привлече Мануел да му стане партнер во адвокатското студио, Игнасио ја праќа Миа во хотелот во кој е сместен Мануел за да го заведе, но Мануел ја одбива. И покрај неговото одбивање, Мануел и Миранда почнуваат да се зближуваат, а Миранда конечно наоѓа личност која не и` е фамилија, а на која може да и` се довери. Набрзо сестрите на Миранда дознаваат за нејзината професија, за која Миранда вели дека ја работи не за пари, туку бидејќи и` пружа задоволство, а Вирхинија се разделува од Игнасио откако дознава дека бил еден од клиентите на Миа, но бидејќи не знае дека токму тој ја вовел во светот на проституцијата, сепак се двоуми помеѓу него и Хаво.

 

Lasestrellas7

 

Миранда ги познава Хулија и Маријано, и исто како Хулија има полициско досие за своите криминални активности, а откако Маријано го замолува Мануел да и` помогне на Хулија за да излезе од затвор, заедно со Миранда го замолуваат Мануел да ги убеди сестрите на Миранда да ја вработат Хулија како собарка во хотелот за да има редовен работен ангажман за да може условно на слобода да ја помине својата казна за проституција. Рецепционерот Леонардо "Лео" (Николас Риера) чувствува привлечност кон Миранда, но домашното воспитување и работната етика го прават срамежлив за да и` се приближи, но секогаш е достапен за да им помогне, како на Миранда, така и на останатите сестри Естреља.
Целта на тестаментот на покојниот Марио Естреља е да ги зближи и обедини неговите ќерки, а нивните односи со персоналот на нивниот хотел Ѕвезди се одлучувачки за неговиот опстанок и неговиот развој во наредните 12 месеци.
Ќе успеат ли сестрите Естреља да останат обединети во овој подвиг кој треба да трае 12 месеци, особено со оглед на фактот дека се зближуваат со персоналот не само на деловен, туку и на интимен план ?

 

 Lasestrellas8


Улоги: Celeste Cid, Marcela Kloosterboer, Natalie Pérez, Violeta Urtizberea, Justina Bustos, Esteban Lamothe, Gonzalo Valenzuela, Luciano Castro, Nicolás Francella, Nazareno Casero, Nicolás Riera, Julieta Nair Calvo, Rafael Ferro, Silvia Kutika, Patricia Etchegoyen, Patricia Viggiano, Maia Francia, Silvina Luna и други.

 

| ТВ Пакет

Pivo Baner

Ексклузивно

  • 1
  • 2
  • 3
Prev Next

Bannerprimetime

Телевизија

Забава

МК Сцена

Единствен телевизиски информативен портал во Македонија © ТВ Пакет 2009 - 2012