Инспирирана од странските емисии како “Style by Jury” или “Extreme makeover”, српската телевизија Прва сними уште една од низата риалити емисии,која од утре (5 декември), па секој нареден петок во 21:15 часот ќе се емитува на Алфа. „Моето ново јас“ е телевизиска приказна за жени кои добиле единствена прилика да го променат својот физички изглед за да ја вратат смислата на нивниот живот и да ги совладаат сите проблеми што ги имале заради тоа. Тие живеат во тешки услови со многу ниски социјални и материјални стандарди и нивниот изглед никогаш не бил нешто на што можеле да му посветат внимание.
Животот не бил милозлив кон овие жени. Негувањето и грижата за сопственото тело или воопшто ги немало или биле секогаш на последно место. Тоа предизвикува сериозни психолошки, а не ретко, и здравствени проблеми.
Оваа емисија има за цел да го преобрази нивниот изглед и да ја врати нивната самодоверба. Целата екипа на оваа емисија е посветена на тоа да ја подготви и да ја следи целосната трансформација на овие луѓе. Тие пред стартот на мисијата посветена на нив зборуваат за нивните трауми и проблеми, а во текот на емисијата сведочат за тоа како им се враќа волјата за живот.
Во позадината на овие, понекогаш екстремни хируршки зафати, го откриваме хуманиот пристап и разбирање за ситуацијата во која се наоѓаат учесниците во оваа емисија. Во текот на процесот гледачите ги следат сите фази на подготовки, на оперативните зафати плстичните хирурзи, офтамолози и стоматолози, како и постоперативниот период. Кандидатите во емисијата поминуваат и до три месеци надвор од нивниот дом, во посебни пансиони, во кои после хируршките постапки се подложени и на психолошко опоравување и прилагодување на новиот изглед. Членовите на нивните семејства можат да ги видат само на крајот од трансформацијата кога тие се подготвени за новата фаза во животот.
За целосната трансформација се грижи тим од најдобри фрисери, шминкери и стилисти.
Ова реално шоу е приказна на Пепелашка која за учесниците во серијата станува реалност. Во првата емисија, гледачите ќе ја видат трансформацијата на Александра Радуловиќ, која имала тешко детство и пропаднала, и физички и психички. Таа има лузни по цело тело од физичкото малтретирање, со нејзиниот сопруг ги поминала најтешките денови од својот живот, а на улица луѓето ја гледаат како некоја стара баба. Таа е без заби и е грда, иако некогаш била убава и дотерана. 37 годишната Александра плаче кога знае дека и децата некогаш се срамат да ја видат мајка им на родителска, па затоа се решава на оваа промена која ја нуди тимот на оваа српска емисија. Одделена од децата на неколку месеци, таа ќе се жртвува за да стане повторно убава.