Фановите на Тоше, со поддршка од Фондацијата „Тодор Проески“, кои традиционално се трудат да го одржуваат настанот „Биди и ти дел од ѕвезденото небо на Тоше“ пропратено со крводарителна акција „Јас штотуку спасив живот, а вие?“ се соочени со низа проблеми. На ден 25.06.2013 година поднеле барање до Град Скопје, со цел да им дадат одобрување за да го одржат настанот на 05.10.2013 година на Плоштад Македонија. За жал, до ден денес немаат добиено конечен одговор и сеуште се во исчекување. Во меѓувреме се информирани дека на тој датум ќе се одржува друг настан „Бела ноќ“. Заради тоа побарана е средба со градоначалникот г-дин Коце Трајановски за да се добие конкретен одговор на нивното барање.
– Таа средба сеуште не се случила и пак сме оставени во исчекување. Ние сме многу изреволтирани, бидејќи кон нас се однесуваат крајно несериозно и непрофесионално. Истовремено се обидовме да го замолиме организаторот на „Бели ноќи“ доколку може да го помести настанот еден ден порано, бидејќи нам ни е важно настанот да се одржува секоја година на ист датум и локација, меѓутоа не наидовме на разбирање од негова страна. Овој настан за нас е од големо значење, бидејќи нашиот идол на неговиот последен концерт остави аманет да не види следната година на истиот датум во што поголем број. Заради тоа, овој настан сакаме да остане традиција, а масовната посетеност изминативе години покажува дека народот не поддржува во тоа. Заради проблемите со кои се соочуваме, ние сме приморани да бараме нова локација, со која би го деградирале значењето и големината на Тоше, или крајно да се откажеме, велат фановите кои бараат медиумска поддршка и чија единствена и крајна цел е одржување на споменот на нашата најголема музичка ѕвезда и запознавање на помладите генерации со ликот и делото на Тоше Проески.
| ТВ Пакет