Почетна / МК Сцена / Богата концертна активност на пијанистот Дино Имери

Богата концертна активност на пијанистот Дино Имери

Еден од најдобрите македонски пијанисти, концертната година ќе ја заокружи со неколку креативни проекти на домашната и меѓународната сцена.
Македонскиот пијанист Дино Имери, кој не случајно критиката го нарекува „волшебник на пијаното“, до крајот на оваа година го очекуваат неколку значајни настани, што ќе придонесат кон збогатување не само на неговата лична биографија и пијанистичка кариера, туку и на културното милје во земјава. Имери ќе реализира концерти на домашната и на меѓународната сцена, самостојни, но и во рамки на фестивали и проекти, што ќе остават силен белег на музичкото небо и надвор од земјава, поради шареноликата програма, поради несомнениот квалитет на неговото музицирање, но и поради поводите за кои тие се наменети.

Првиот настап на еден од најдобрите македонски пијанисти, Дино Имери, ќе се случи на 16 октомври, кога заедно со извонредниот тенор Михаило Арсенски, ќе концертира на свеченото отворање на фестивалот „Златна Лира“, кој е во организација на Сојузот на музички уметници на Македонија. Оваа вечер ќе ја красат изведби на мошне импресивни дела од различни музички епохи, од композитори како Клод Дебиси или Рихард Штраус, и секако дела од македонските композитори, оние кои ги поставија темелите на македонското композиторско творештво – Тодор Скаловски, Трајко Прокопиев и Томислав Зографски.

Мошне значаен меѓународен проект, ќе се случи на 25 октомври. По повод јубилејот – 30 години билатерални односи меѓу Македонија и Велика Британија, Имери ќе одржи концерт во Лондон, во Кралскиот колеџ за музика (Royal College of Music), каде ќе настапи како солист на пијано, но и заедно со хрватскиот повеќенаградуван пијанист Ведран Јањанин, со изведба на дела од македонски автори, како и дела од Густав Холст, Сергеј Рахмањинов и Витолд Лутославски. Настанот е поддржан од македонското Министерство за култура, а го организира Амбасадата на РСМ во Лондон.
На 19 ноември, Имери заминува во Загреб, Хрватска, каде што ќе одржи солистички рецитал во прекрасното здание на Државниот архив. Она што посебно интригира во врска со овој настан, е што македонскиот пијанист ќе свири на историскиот инструмент „Pleyel“ од 1924 година, кој бил во сопственост на Светислав Станчич – таткото на хрватската пијанистичка педагогија. Концертот е дел од Циклусот „Pleyel Svetislava Stančiča“, а Имери ќе изведе дела од Де Фаља, Момпу, Равел, Бизе-Хоровиц. Организатор на настанот е уметничката организација „Cristoforium“, во соработка со Културно-информативниот центар на РСМ во Загреб.

На 4 декември, пак, Имери се враќа во Скопје, каде што во Камерната сала на Филхармонија на РСМ, заедно со македонската истакната диригентка Дијана Имери Илкоска, ќе го реализираат долгоочекуваниот проект „Музика и поезија – вечер со музиката на Шопен“.
Станува збор всушност, за концерт на ИД Камерниот оркестар, предводен од маестра Имери Илкоска, на кој како солист на пијано настапува Дино Имери. Мошне атрактивна и комплексна програма, заокружена во звучно-поетска обланда преку изведба на Концертот за пијано и оркестар бр. 2 во f-moll и други дела на славниот романтичар Фредерик Шопен. Настанот е поддржан од македонското Министерство за култура, како и од Амбасада на Р. Полска во РСМ.

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Анониа Гиговска проговори за бившиот: Го сакам Иван како човек

Антониа Гиговска, откако по четири години ја прекина врската со Иван Јованов, вели дека во …

error: Содржината е заштитена!