Почетна / Серии / Бранот пристигнува, „Будва“ од вечерва на Сител

Бранот пристигнува, „Будва“ од вечерва на Сител

 

Од вечерва на програмата на Сител телевизија ќе се емитува серијата „Будва“. Се работи за серија која настана како соработка помеѓу Србија и Црна Гора и како таква особено добро е прифатена од публиката.

 

 

На „Будва на морската пена“, како што гласи целосното име, се работеше во текот на сезоната 2011-2012 и засега има две сезони со нешто повеќе од 20 епизоди по 45 минути. Жанрот на серијата е драма-комедија. Во главните улоги се појавуваат Милутин Караџиќ, Љиљана Благојевиќ, Сања Јовичевиќ и Момчило Караџиќ. За режијата се погрижи Милан Караџиќ.

 

 

 

„Будва на морската пена“  е драмска серија која за кратко време стана една од најгледаните телевизиски формати во регионот. Првата сезона ја карактеризираат возбудливи случувања кои ја отсликуваат транзиционата турбуленција не само во Будва туку и во сите Екс Ју држави. Судирот на новите богаташи со осиромашениот „остаток на светот“, нежна љубовна приказна и возбудливи афери, елементи на трилер и мотиви на одмазда се драматуршките обрасци на кои се темели оваа телевизиска сторија.

Бескрупулозниот тајкун Саво Бачиќ, газејќи преку сите законски и морални норми, ја шири својата градежна империја на Црногорското приморје. Нему му се спротивставува инспекторката Олга Радмиловиќ и тоа иницира жесток судир меѓу Бачиќ и братот на Олга , Јово, предвремено пензиониран полицаец.  Двете семејства почнуваат сурова војна. Но и покрај тоа, ќерката на Саво, Бојана, и синот на Јово, Лука, започнуваат романса.

 

 

Во темниот вилает каде нема среќни решенија ќе се замешаат и таинствениот ловец на богатство, вајарот Мартин, виртуозниот фалсификатор на уметнички дела Луњо кого го прогонува италијански мафијашки бос, љубовницата на Саво, манекенката Лина и уште многу други. Високите продукциски стандарди, извонредна актерска екипа, атрактивната фотографија, досега не видени кадри од Јадранското подморје и тензичните заплети се високите препораки што ја прават оваа серија една од најбараните производи во регионот.

 

 

 

 

Крис Манев | ТВ Пакет

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Тајни агенти“, белгиска крими серија премиерно на Телма

Инспириранa од вистински настани. Тајните агенти се инфилтрираат во операцијата на кралот на наркотици, претставувајќи …

Leave a Reply

error: Содржината е заштитена!