Во пресрет на најавениот троен музички спектакл на најголемите фолк музички имиња од соседството Мирослав Илиќ, Зорица Брунцлиќ и Џенан Лончаревиќ, а закажан на 4 декември во арената “Борис Трајковски”, еве неколку нови детали:
Концертот стартува во 21 часот, а на сцената прв ќе застане сопственикот на хитот “Никоме ни реч” Џенан Лончаревиќ, кој во соседството важи за еден од најдобрите клупски пејачи и го нарекуваат “крал на сплавовите”. Лончаревиќ сцената ќе и ја отстапи на единствената дама на вечерта, жената која македонската јавност секоја сабота ја гледа во едно од столчињата од жирито на Пинковите ѕвзеди – уникатната Зорица Брунцлиќ. Крајот на неколкучасовниот концерт е резервиран за легендата Мирослав Илиќ, на чие инсистирање и се одржува овој голем музички спектакл. Уникатен настан во чии рамки на иста сцена ќе застанат три големи фолк музички имиња од соседството. Концертот уште ќе биде збогатен и со музиката на виртуозите на хармоника Мирољуб Аранѓеловиќ – Кемиш и Миша Мијатовиќ.
Интересно е што Брунцлиќ, Лончаревиќ и Илиќ за разлика од останатите свои колеги кои доаѓаат на концерти, имаа само едно барање – за време на престојот во Скопје да консумираат традиционални македонски јадења и обавезно на менито да има пиперки.
Билетите за концертот закажан на 4 декември во “Борис Трајковски” се пуштени во продажба преку продажната мрежа на купикартизасе, во Розе – Веро 2, ресторанот Окарина и билетарницата во “Борис Трајковски”, и тоа по цена од 300 денари за стоење и 400 за седење. Додека во ВИП делот ќе има неколку различни пакети.
КУСИ БИОГРАФИИ:
Мирослав Илиќ:
Мирослав Илиќ е роден во Мрчајевци на 10 декември 1950 година, па токму и заради родното село го нарекуваат „Славејот од Мрчајевци“. Гимназија завршил во Чачак, а на факултет се запишал во Скопје, токму затоа и за нашиот град го врзуваат еден куп убави спомени и често истакнува дека знае македонски.
Кариерата ја почнува во 1972 година со песната „Волео сам девојку из града. Бројката на негови хитови, се чини, бесконечна зашто меѓу првиот албум “Овом те песмом поздрављам“ снимен во 1973 година, па се до последниот издаден лани, а со наслов „Волим те неизлечиво“, речиси на секои две години издава нови материјали.
Најголемите хитови му се „Божанствено жено“, „Лажу да време лечи све“, „Волео сам девојку из града„, „Поздрави је, поздрави“, „Један дан живота“ (дуетската со Лепа Брена), „Зовеш ме на вино“ , „Теби“…
Зорица Брунцлиќ:
Зорица Брунцлиќ е родена на 29 јуни 1955 година во Белград. Почнала да настапува по кафеани и ресторани. Се мажела четири пати, а најпознати и се браковите со Љубо Кешељ и Мирољуб Аранѓеловиќ – Кемиш со кого има четири деца.
Во музичките води ја вовел Бора Спужиќ – Квака, познат народен пејач од времето на СФРЈ. Првата плоча ја снима во 1975 година, и тоа сингл плоча со насловната тема „Не дај да нас раставе“. Песната доживеала огромен успех и тираж од 300.000 примероци. Најголеми хитови и се „А тебе нема“, „Откопчано јелече“, „Ево зора је“, „Кошава“, „Авлије, авлије“…
Џенан Лончаревиќ:
Џенан Лончаревиќ е уште еден пејач кој се пробил благодарение на свирките по белградските сплавови. Роден е во Пријепоље во 1975 година. А брзо се прослави не само заради одличната боја на гласот, туку и заради фактот што е мајстор за живи свирки. Првиот албум „Никоме ни реч“ го сними во 2007 година, а две години подоцна и „Добро је то“. Соработувал со врвни музички имиња како Кики Лесендриќ, Сргеј Ќетковиќ, Леонтина…