На вчерашната проба за шоуто „Танц со ѕвездите“, актерот Васил Зафирчев, еден од фаворитите на судиите и публиката, вежбајќи ја танцовата точка со својата партнерка во Македонската радио телевизија, се здоби со потешка телесна повреда.
Веднаш по немилата повреда, беше повикана Брза помош која го префрли актерот во специјалната болница за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ (стара Градска болница), во која му беше укажана итна лекарска помош. Стручниот тим на ортопеди утврди дека станува збор за скршеница на чашката на коленото и поради тоа веднаш му беше извршена хируршка интервенција.
Харизматичниот Васил Зафирчев во моментов се наоѓа на Одделението за интензивна нега каде се чувствува добро, но сепак повеќе нема да може да блеска на сцената заедно со својата партнерка Наде Миленковска и да ги истакнат заедно танцовите вештини. Се очекува за кус период актерот да биде пуштен на домашно лекување.
Сепак, на големо жалење на неговите фанови и на жири комисијата од популарното шоу „Танц со ѕвездите“ Васил Зафирчев веќе нема да биде во можност да се натпреварува во шоуто. Македонската радио телевизија и целиот тим на „Танц со ѕвездите“ му посакуваат на актерот брзо закрепнување и се надеваат дека ќе го видат барем во публиката како ги бодри останатите натпреварувачи.
Крис Манев | ТВ Пакет