Енолог од Винарија Стоби ги едуцираше новинарите за тајните и вистините за виното. На едукативната дегустација во присуство на новинари и гости, беа отворени сите тајни на вистинскиот и загадочниот вкус на виното, од каде доаѓаат аромите, како се комбинираат со храна, кои ароми треба да се препознаваат преку мирисните дразби, а кои карактеристики да се бараат преку рецепторите за вкус. Исто така, беа потенцирани и здравствените придобивки од одговорната консумација на виното. Енологот Крстевски откри дел од тајните, зошто вината на Стоби се наградувани на светските вински манифестации и саеми и се едни од најбараните на странските пазари. Оваа активност е дел од седмицата посветена на Винарија Стоби што оваа недела се одржува во Бар Форца.
„Виното има свој живот и своја приказна, а ни една животна приказна не е без некоја тајна. Животот на виното започнува уште со сеидбата на лозата, а тајната се открива во устата, моментот пред да го голтнете. Тоа има тенденција да ви ја открие својата тајна само потребно е вашите сетила да бидат отворени и да се поседува малку знаење од процесот на одгледување на виновата лоза и техниката на правење на вино. Затоа, за уживање во секоја голтка вино, убаво е кога би знаеле малку повеќе факти и знаење за создавањето, чувањето и правилното консумирањето на овој благороден пијалак“, изјави Андон Крстевски, енолог и експерт за контрола на квалитет во винарија Стоби.
Винската едукација е дел од седмицата посветена на Винарија Стоби каде во текот на следните неколку денови ќе бидат претставени вината на Стоби преку тематска забава – Вино и сирење, во петок ќе има уште една работилница со енологот Андон Крстевски и After work Party. Следи Стоби викенд привилегии и Movember забава во недела.