Гламур од сите страни, мирис на ново и приказна стара 50 години, приказна за постоењето на Македонската Радио Телевизија, вака со неколку зборови би го опишале вчерашното случување.
Вчеравечер сите патишта водеа кон новиот објект на Македонскиот Народен Театар, бидејќи таму се случуваше првото издание на досега најгламурозната манифестација организирана од националниот сервис – „МРТ за најдобрите“.
Најдобрите 19 од различни категории беа меѓу првите редови и добија заслужени признанија за делата.
„Џонсон Мети“ доби признание за најдобра инвестиција, признание за поп – хит на годината доби пејачката Тамара за песната „Готово е“ која изненади со својот динамичен и сексипилен настап, а за најдобар град беше прогласен Прилеп. Награда за подвиг на годината доби младата алпинистка Илина Арсова, првата Македонка која се искачи на Монт Еверест. Таа изјави дека ова е нејзина прва награда и оти е особено горда на неа, а со награда си замина и градоначалникот на Дојран за најдобрата туристичка понуда.
Најдобра кампања е онаа за многудетно семејство, а генералниот директор на „Алкалоид“ Живко Мукаетов доби награда за најдобар менаџер на годината. Миле Кузмановски беше награден за најдобар фолк-хит на годината, а „Трето полувреме“ ја доби наградата за најдобар филм на годината. Пијанистот Симон Трпчевски, пак, си замина како најдобар уметник во 2013. година. Перо Антиќ и настапот во НБА беа прогласени за спортски успех на годината, а за најдобра театарска претстава беше прогласена „Вечната куќа“. Признание доби и тимот на д-р Владимир Чадиковски за особен придонес во здравството. Д-р Билјана Оплеска си замина како хуманист на годината.
На сцената покрај Тамара Тодевска настапи и Каролина Гочева, како и оркестарот на Македонската телевизија заедно со најдобрите танцови двојки од „Танц со Ѕвездите“. Водителите и презентерите изгледаа беспрекорно, онака како што доликува за манифестација одржана во старо-новиот Македонски Народен Театар. Беше испеана и „Тајно моја“ од Тоше Проески која ги разнежни присутните во театарот и гледачите пред малите екрани. За крај беше одигран и мал дел од претставата „Вечна куќа“.
Фотографиите се преземени со претходно одобрение од порталот Fashionel.mk
| ТВ Пакет