Почетна / Филм / Два македонски филма на “Браќа Манаки”

Два македонски филма на “Браќа Манаки”

Оваа есен, два нови македонски филма – “До Балчак” и “Деца на сонцето”

 

Од 13 до 19 септември во Битола, под мотото “Кон ѕвездите” традиционално ќе се одржи 35-тото издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера “Браќа Манаки”. Во 8 програмски категории ќе бидат прикажани вкупно 76 филмови, од кои дури 11 во главната програма кои ќе се борат за главната награда Златна камера 300. Оваа година во програмата на документарни филмови ќе бидат прикажани вкупно 9, а ќе бидат одржани и специјални проекции на филмовите на наградените Лука Бигаци (Големата убавина) и Крис Менџис (Читачот). По повод 20 годишнината од премиерата на „Пред Дождот“, наградата „Златна ѕвезда на македонскиот филм“ ќе му се додели на режисерот Милчо Манчесвки, а во негова чест на фестивалот ќе биде прикажан и омаж на целиот негов опус на играни филмови. За наградите стандардно одлучува интернационално жири, а меѓу насловите ќе се најдат најнови филмови прикажани на престижните светски фестивали во Берлин, Кан, Венеција, Карлови Вари. Во некомпетитивната програма „Кратко-слатко“ на Европската филмска академија ќе бидат прикажани 15 кратки филмови, а ВИП организира детска програма со пет филма како и четиридневна работилница за правење филм, наменета за деца од 11 до 16 години.

 

 

Она што е од особен интерес за македонската публика се македонските премиери на двата најнови македонски филма на овој фестивал. “До Балчак – приказна за Дивиот исток” во режија на Стале Попов и по сценарио на Горан Стефановски,  ќе биде прикажан на вториот ден на фестивалот. Во основата на филмот е една љубовна приказна која се случува во почетокот на 20. век, а во главните улоги настапуваат Сашко Коцев, Никола Ристановски, Тони Михајловски, Никола Којо, Мартин Јордановски и други.

 

 

“Браќа Манаки” оваа година свечено ќе биде затворен со премиерата на уште еден македонски филм. Се работи за романтичната драма “Деца на сонцето”, филм на режисерот Антонио Митриќески и сценаристот Гордан Михиќ. Филмот е љубовна приказна во која главни ликови се Ангела и Марко, а дејствието се случува на периферијата на едно мало гратче крај Преспанското Езеро. Улогите ги толкуваат Ивана Павлаковиќ, Кире Ѓоревски, Мето Јовановски, Владо Јовановски, Милица Стојанова, Билјана Таневски, Данчо Чеврески, Александар Микиќ, Сашко Коцев, Камка Тоциновски, Емир Хаџихафизбеговиќ и други. Музиката за филмот ја правеше Влатко Стефановски, кој исто така има и епизодна улога во филмот. По македонската, филмот ќе добие и светска премиера во Лондон на 22 септември на меѓународниот филмски фестивал “Реинденс”.

Од октомври и двата филма ќе може да се погледнат низ кино салите во Македонија.

 

 

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Зависност од коцка во британскиот трилер „Крупие“ петочки на МТВ 1

Еден млад писател сфаќа дека неговата нова работа може да биде совршена тема за роман. …

Leave a Reply

error: Содржината е заштитена!