Од понеделник до петок во 10 наутро – “Kud puklo da puklo”
“Што биде нека биде” е хрватска маратонска теленовела, која со голем успех се емитираше две сезони во Хрватска. Во режија на Kristijan Milić, Ivan Pavličić, Stanislav Tomić и Robert Orhel, серијата брои вкупно 350 продолженија низ кои гледачите уживаат во возбудливото дејство, хумористичните дијалози и во една добро вклопена екипа.
Од неодамна, и гледачите на Сител телевизија имаат можност да ја следат оваа летна хрватска приказна, а во продолжение потсетување на содржината и претставување за сите оние кои сакаат да се вклучат во драмите и комедиите во “Што биде нека биде”.
Содржина :
По смртта на стариот Ѓуро, неговите внуци Катарина, Томислав и Крешо ќе мора да се вратат во селото на нивниот дедо како би присуствувале на читањето на тестаментот.
Внуците се изненадени кога ги слушаат условите кои ги поставил покојниот. Тој остава милион евра на неговите внуци, под услов тројцата да живеат под ист покрив една година и токму во тоа назадено село. Доколку не успеат да се справат во тоа, парите ќе припаднат на селаните во селото. Селаните од самиот старт ќе прават сѐ за да ги избркаат наследниците од селото и парите да им припаднат ним како би се вратил спасот и перспективите на селото. На чело на месниот одбор е Миле, а во него учествуваат конзервативната учителка Барбара, свештеникот Мирко, пријателот на Миле, Стипо и сопственичката на локалната крчма, Ана. Тука е и Свето, лутиот противник на Миле кој сака да ја завземе неговата позиција во селскиот одбор.
И токму сите овие ликови гледаат свој интерес во добивање на наследството од покојниот, па затоа сите тајно и со свои игри, ќе се обидат да ги истераат внуците наследници од тоа место. Наследниците пак ги чека вистинска борба за опстанок во тоа село. Во куќата нема ни струја ни вода, па затоа како градски деца, ќе мора да се навикнат на сосема поинаков начин на живот. Опасноста за нив не претстои само од селаните, туку и од Милица, мајката на Томислав која сака парите да му припаднат само на нејзиниот син, а другите двајца, Катарина и Крешо да бидат елиминирани од наследството.
И во една таква чудна ситуација, се случува љубов која ќе го промени текот на дејството и ќе ги разниша срцата на главните ликови. Катарина го запознава Дамир, син на Миле, најгласниот во борбата за наследство. Катарина и Дамир се вљубуваат еден во друг, иако доаѓаат од сосема различни средини и имаат различни интереси. Урбаната и еманципирана Катарина од една страна, и конзервативниот Дамир од друга страна. Наследничката од градот и селанецот.
Но, на патот на нивната среќа нема да стојат само социјалните разлики и селаните, туку и Снежана која е вљубена во Дамир. Она што Дамир не го знае е дека во Загреб живее вереникот на Катарина, па така љубовта која навидум изгледа романтична и смешна, станува комплицирана и тешка.
Улоги : Mirna Medaković Stepinac (Катарина), Momčilo Otašević (Дамир), Milan Štrljić (Миле), Sanja Vejnović (Милица), Miran Kurspahić (Томислав), Janko Popović Volarić (Крешо), Ecija Ojdanić (Барбара) и др.
Дани | ТВ Пакет