Гледачите на популарното музичко шоу „X Factor“ вечерва ќе ги видат куќите на Кики Лесендриќ и Емина Јаховиќ. Во оваа фаза на натпреварувањето, жирито повикува специјални гости кои ќе им помогнат при оценувањето на кандидатите затоа што само по три учесници од секоја група одат во следната рунда. Кики Лесендриќ за асистент го одбра долгогодишниот пријател Скот Милс од радио BBC, кој ќе му помогне при изборот на најдобрите од неговата група „девојки до 27 години“.
– Скот и јас се запознавме преку заеднички пријател на Закинтос, каде имав концерт, кој на мое големо задоволство беше најавуван и на BBC Радио 1 благодарение на Скот. Се сеќавам дека ми рече дека ја пуштал песната “Beautifull Lady”, англиската верзија на песната „Колку си убава“ и дека потоа добил еден тон позитивни коментари и мејлови. Така почнавме да се дружиме, потоа беше гостин на мојот концерт, а потоа и во спотот „Уште една пијана ноќ“. Инаку неговото познавање на музиката е фасцинантно. Скот беше главен гостин на турнејата на Роби Вилијамс, а неговото шоу на BBC Радио 1 е едно од најслушаните радио-програми ширум светот.
Штом станав судија на „X Factor“, ми беше логично да го поканам како гостин-ментор бидејќи тој е врвен професионалец и мој голем пријател. Верувам дека заедно ќе го направиме вистинскиот избор – вели Лесендриќ.
Емина Јаховиќ Сандал својата група „ машки до 27 години“ ги угости во Истанбул, а за гостин ментор го избра својот сопруг, моментално најголемиот поп уметник во Турција, Мустафа Сандал. Овој популарен пејач, покрај богатата кариера има искуство и во „откривање“ на нови музички ѕвезди, бидејќи беше член на жири на слично музичко натпреварување.
Емина се покажала како одличен ментор, но и прекрасен домаќин. Нејзините натпреварувачи и целата екипа на „X Factor“ постојано само ги фалеле нејзе и нејзиниот сопруг.
Харис Чато, еден од натпреварувачите, беше искрен:
„Емина е извонреден ментор. Преубаво ни беше во Истанбул. Јас прв пат летав со авион, шетавме низ градот, многу работи научивме, прекрасно се дружевме. Ова патување ќе ми остане во најубаво сеќавање. Како знак на благодарност, на нашата менторка и приредивме едно изненадување, ќе видите во емисијата.“
Како се снајдоа Емина и Кики во оценувањето на кандидатите, какви беа коментарите и дали навистина направиле најдобар избор, ќе видиме вечерва на Сител ТВ, веднаш по „Судбината на Фатмаѓул“.
| ТВ Пакет