Што открива Каролина пред големиот концерт на 13 декември
Македонската пејачка Каролина Гочева се мажи. Конечно ќе рипне во тавче? – е најавата за најновото издание на забавната емисија “Еден на еден”, која оваа сабота ќе се емитува на Алфа телевизија. Промо материјалите изгледаат интересно, а што точно ќе се случува во утрешната емисија, останува да видиме. Дали Каролина ќе ни ја открие новата љубов, дали конечно ќе застане пред олтар или се работи можеби за шега на шоуменот и водител Жаре.
Во емисијата, Каролина ќе открие и нешто досега нечуено, кој е човекот кој ја следел и измислувал приказни за неа, а неизбежна тема на муабет ќе биде и престониот концерт.
Концертот ќе се одржи следната сабота на 13 декември во Арената “Борис Трајковски” и ќе биде завршница на успешната приказна со двата албуми на “Македонско девојче”. Поради таа причина, во утрешната емисија на “Еден на еден”, Каролина ќе зборува и за тоа, а гостување ќе има и вечерва во “Стисни плеј” на МТВ 1 и во утрешното издание на емисијата “Шестиот ден” на Телма. Освен песните од албумите, на големиот концерт се очекува Каролина да испее и стари македонски песни, а во тајност се држат изненадувањата како и деталите околу нејзиниот стајлинг, подготвен од Цаци Паковска.
По рекордните шест концерти одржани во МОБ и во другите градови низ републиката, ова е завршна прилика за публиката да ужива повторно со етно звукот на Чалгиска, Две лири, Птицо малечка, Ружа ружица, и секако новата Бегај, бегај.
Салата Борис Трајковски за таа пригода ќе биде специјално адаптирана во комплетно седечка формација во која и во партерот сите места ќе бидат за седење.
Билетите се со основна цена од 600,оо денари, како и ВИП Партер и ВИП Трибина со цена од 800,оо денари. Влезниците за големото скопско затворање на проектот „Македонско девојче“ со Каролина се во продажба преку продажната мрежа на Купи Карти За Се (освен во продажните места на Макпетрол) и online на www.kupikartizase.com.