Визија – единствен македонски бенд на најпрестижниот фестивал во БиХ – Јелен Демофест
Бањалучкиот музички фестивал „Јелен Демофест“ селектираше 35 бендови кои ќе настапат на седмото издание на фестивалот кој ќе се одржи од 17 до 19 јули оваа година на тврдината Кастел.
Изведувачите се одбрани по високиот критериум на шесточленото стручно жири составено од Рамбо Амадеус, Давор Гобац, Бранислав Бабиќ Кебра, Зоран Марковиќ Зоњо, Душан Јевтовиќ, и Бранкица Јанковиќ, кои имаа тешка задача да ги селектираат најдобрите групи од вкупно 457 пријавени.
Единствен бенд од Македонија кој го задоволи критериумот на жири комисијата е скопскиот состав Визија, кој неодамна беше дел и од финалето на најстариот европски рок-фестивал „Заечарска гитаријада“, како и на белградскиот „Миксер“.
Бендовите кои ќе настапат на тврдината Кастел ќе се борат за првата награда која вклучува снимање и продукција на албум, како и спот во продукција на MTV, додека пак второпласираниот и третопласираниот бенд ќе добијат сценска опрема во вредност од 3000, односно 2000 евра.
Седмото издание на овој фестивал носи и најбогата ревијална програма, така што покрај натпреварувачкиот дел на фестивалот ќе настапат и светски познати изведувачи како што е германскиот состав Guano Apes, кој ќе го промовира своето свежо студиско издание „Offline”, реге ѕвездата Max Romeo и неколку состави од регионот како што се Eyesburn, Хладно Пиво и Дамир Урбан&4.
Влазот на сите три вечери е бесплатен.