Макфест нема да биде променет, туку „апдејтиран“
На одредените реакции и „загриженост“ околу македонскиот идентитет на Макфест, а во врска со информацијата која вчера фестивалот ја објави за присуство во програмата на пејачи од Србија и Хрватска кои ќе ги изведуваат своите песни на свој јазик, уметничкиот директор Роберт Саздов појаснува:
– Не се работи за промени на концептот на Макфест кој е одличен, туку за извесни мали недоградувања, компјутерски да се изразам: апдејт на програмот.
Оваа година сите ние вклучени во организацијата и програмата на Макфест, едногласно се одлучивме за еден мал куриозитет, а тоа е на две гостинки од Србија и Хрватска ( Лејла Хот од Белград и Лана Јурчевиќ од Загреб) да им се овозможи да ги исполнат своите песни на свој јазик.
Практично во првата полуфинална вечер со 20 песни на македонски јазик, Лејла Хот ќе биде единствена која ќе пее на српски и во втората полуфинална вечер исто со 20 песни на македонски, Лана Јурчевиќ ќе биде единствената пејачка која својата песна ќе ја исполни на хрватски. Значи се работи за 2 песни од вкупно 40.
Истовремено имаме и уште една гостинка од Белград, тоа е Соња Кочиќ, која пее песна од Калиопи и која ќе биде изведена на македонски јазик. Тоа е се во врска со оваа мала новина.
Очекувам тоа да биде примено од публиката со симпатии на истиот начин како што беше примен нашиот Тоше Проески кога пред повеќе години на „Сунчане Скале“ во Херцег Нови, во натпреварувачкиот дел ја изведе „Сонце во твоите руси коси“ на свој македонски јазик и никој не му направи забелешка зошто не пее на српски.
Деновиве слушателите ќе можат на сите радио станици да слушнат уште еден нов, трет по ред блок рефрени, составен од хитовските песни на Верица Пандиловска, Тамара Тодевска, Лена Заткоска, Ангелина Стојановска, Мартин Србиновски и Ивана Миланова.
Chris | ТВ Пакет