Почетна / Вебновела / Научи ме да летам | Enseñame a Volar #059 & 060 (ФИНАЛЕ)

Научи ме да летам | Enseñame a Volar #059 & 060 (ФИНАЛЕ)

#59то продолжение

 

 

Емператриз само што излезе од под туш. Имаше ултиматум од Лусијано да ја напушти куќата до девет часот навечер. Куферите и беа спакувани во собата, а на креветот беа префрлени само алиштата кои сакаше да ги носи на себе. Пријде до тоалетната масичка и со врвот на раката прејде преку накитот. Дијамантската огрлица која Лусијано и ја донесе од Мароко, рубин обетките од Германија, сафирениот прстен од Франција…Живееше како вистинска кралица, помисли за себе и длабоко се издиша кога некој затропа на вратата од собата. Беше Пандора.

–       Што сакаш?, – дрско ја праша старата домарка.

–       Госпоѓица Ева е долу и итно сака да зборува со вас.

–       Колку е напорна таа жена. Што сака?

Пандора само ги подигна рамениците.

 

 

Секретарката Ева немирно ја чекаше Емператриз во библиотеката.

–       Што се случило, Ева?

–       Конечно, Емператриз. Конечно. Цел час се обидувам да стапам во контакт со тебе и Лусијано и залудно.

–       Од кога го нарекуваш Лусијано само по име?

–       Тоа не е важно сега. Важно е што се случува. Мануел…

–       Смири се, Евита, не те разбирам.

–       Мнауел полуде. Ги запали канцелариите на Фалкон, Емператриз.

–       Што зборуваш?

–       Фалкон гори. Не можев да ве добијам по телефон, фатив такси и дојдов овде.

–       Што си сторил, Мануел?, – за себе се запраша Емператриз и посегна по телефонот да го побара Лусијано. Беше недостапен. Од зади, Ева ја удри Емператриз со стаклената ваза и падна на каучот онесвестена.

 

 

 

 

 

Каталина зборуваше со Луз по телефон кога излезе од зградата кон својот автомобил, кога одеднаш тап прредмет ја погоди по вратот и падна на тревникот.

–       Ало? Ката? Каталина…, – немирно повторуваше Луз од другата страна на линијата но никако не доби одговор.

 

 

Кога Лусијано се врати дома по долгата прошетка низ градината, го затекна холот полумрачен. Емператриз стоеше на скалите во полутемница, облечена во сатенска ноќница.

–       Ти реков да си одиш до девет часот!

Но, како што приоѓаше Лусијано сенките на слабата светлина стануваа се’ појасни доволно да увиди дека личноста која стои на скалите не е Емператриз, туку неговата долгогодишна секретарка Ева.

–       Што значи ова, Ева? Зошто си облечена во алиштата на Емператриз?

–       Целиот мој живот го чекав овој момент, Лусијано, – мазно прошепоте Ева вадејки го револверот од зад грб.

–       Не, ова мора да е кошмар. Ова не се случува.

–       Сакав да бидам како неа, – беше исповеста на секретарката. – Целиот живот сакав да бидам како неа и конечно сум.

–       Мора да сонувам, ова не е реалност, – повторуваше Лусијано држејки ги рацете на главата.

–       Целиот живот бев вљубена во тебе. А ти ја љубеше неа. Затоа..затоа сакав да бидам како неа и еве…конечно имам шанса да бидам. Единствената разлика меѓу мене и неа е што јас никогаш не те изневерив, ниту ќе те изневерам.

–       Каде е Емператриз? Каде е Емператриз, ефтина секретарке!

–       Не ми зборувај така, Лусијано!, – извика Ева вперувајки го пиштолот во него. – Емператриз е на едно емсто акде што нема да може да ни пречи. Никогаш повеќе нема да стои на патот на нашата среќа.

–       Свесна си дека ќе платиш за ова?

–       Шеснаесет години сум заљубена во тебе, Лусијано. Никогаш не ти кажав ништо, но трперев само кога ќе ти го слушнев гласот. Сега конечно ќе бидеме заедно и среќни, Лусијано. Многу среќни. Јас и ти.

 

 

Себастијан само што слушна за експлозијата во Фалкон, па го зеде својот мотор и се упати кон зградата. По пат заѕвоне неговиот телефон. На уште поголемо изненадување на дисплејот беше испишано името на неговиот брат.

–       Ало? Мануел?

–       Не сум ртов како што мислеше, братче. Овде почнува твојот најлоглем кошмар, –  иронично рече Мануел од другата страна на линијата, држејки ја Каталина заврзана крај себе.- Сфатив дека ја правам најголемата глупост и побегнав пред експлозијата да го заземе спратот. Сфатив дека не можам да си одам без да се простам од неа.

–       Каталина! Каде е Каталина? Одговори ми, имбецилу каде е Каталина?

–       Мирен. Твојата љубовница, ојата вереница е жива…сеуште.

–       Ќе те убијам! Што и направи? Каде е?

–       Тука сме на аеродромот каде што доаѓавме кога бевме мали. Кога татко не’ учеше да летаме. Помниш. Те чекаме.

 

 

Беше мрачно кога Себастијан го сопре својот мотор на малиот аеродром, по инструкции на Мануел. Пријде до малиот хангар и срцето му дојде на место кога ја затекна Каталина. Врзана за рацете и устата но жива. Од друга страна пак, неговиот брат беше едвај препознатлив.

–       Немаш опции, Себастијан, -започна Мануел мафтајки го револверот. – Се’ сеќаваш како ми помагаше да јавам пони кога бевме деца? Или како ме бранеше од децата во интернатот? Сега ми треба твојата братска помош за последен пат.

–       Се’ што сакаш само пушти ја! Пушти ја Каталина и остави го оружјето.

Како послушно дете, Мануел регаираше на наредбите од својот брат. Најпрво ја пушти Каталина па го фрли и револверот.

–       Помогни ми, Себастијан, те молам, загубен сум, – со страв во гласот додаде Мануел.

–       Не. Не заслужуваш.

–       Себастијан, те проколнувам…Очаен сум, – Мануел падна на колена пред постариот брат. Гледаше кон него со солзи во очите додека вилицата му играше од страв.

–       Милион шанси ти дадов во животот и сите ги прокоцка. Сите!

–       Те молам во нејзино име, – покажа кон Каталина. – Сакам да живеам, но не можам, не тука. Брат сум ти.

–       Сега се’ сети? Сега? Цел живот бев тука за тебе, ти бев поддршка, утеха..Но ти уби се’. Моето пријателство. Нашето братство.

–       Те молам, само дај ми го твојот кингер и ќе си одам одовде, никогаш повеќе нема да ме видиш.

–       Дали си полудел? Гледаш дека надоаѓа бура…Каде ќе леташ?

Мануел погледна кон небото. Првата капка дожд ја почувствува на своето лице.темни облаци го покриваа небото без месечина, а од недалеку допираа и првите грмотевици.

–       Сеедно. Само сакам да летам. Далеку одовде. Ќе одам на хациендата. Ќе одам на Ла Лома, онаму каде што бевме најсреќни, брате. Не сакам да умрам во затвор, те молам, брате. 

Со стегната вилица, Себастијан не можеше а да не попушти на ваквите молби. Посегна во внатрешниот џеб и го извади клучот од кингерот.

–       Само лошо правиш. Не знаеш да леташ професионално за да леташ на вакво време до имотот, Мануел.

–       Ќе успеам, – убедено рече Мануел и ги грабна клучевите од раката на постарот брат.

Потрча кон кингерот кој беше паркиран во хангарот. Побрза пред да фати бурата.

Додека Себастијан ја одврзуваше Каталина, го слушна звукот на пропалерите и му застана срцето. Знаеше дека не требаше да му го дозволи тоа.

Кингерот го напушти хангарот во ноќта и зазема брзина на мини пистата која беше доволна за полетување на мал авион. Кога авионот се подигна од земја, Себастијан силно ја зеде Каталина во својата прегратка.

–       Зошто му дозволи? Ќе погине, – констатираше Каталина потпрена на градите на љубениот.

–       Секогаш правел што сакал, – со стегната вилица и солзи во очите и’ одговори Себастијан. – Повеќе нема да му го покажувам правиот пат. Самиот го обра овој пат.

 

 

Мануел се чувствуваше слободно по долго време. Можеби и прв пат во животот освен оној ден кога како дете ги украде клучевите од својот брат и го зеде леталото.

–       Внимание лету 225, – го слушна гласот на диспечерот преку радиото. – Пред вас се’ наоѓа бура со силен дожд и ветар.

–       Остави ме! Јас сум Мануел Ламас и никој не може да ми каже што да правам. Летам! Конечно летам!

 

Каталина и Себастијан уште долго гледаа во кингерот кој се’ извишуваше се повисоко на небото и одеднаш слушнаа силен одек на експлозија. Како огномет на панаѓур, кингерот се претвори во пламен кој почна да паѓа кон земјата заедно со силниот дожд…

 

 

 

#60то продолжение

 

 

Лусијано без страв гледаше во вперениот пиштол на својата секретарка кон него. Воопшто не беше исплашен. Ја познаваше долги години.

–       Јас никогаш нема да можам да те сакам, Ева. Ја сакам Емператриз, без разлика на се’ секогаш ќе ја сакам.

–       Не зборувај така, Лусијано! Не ми се допаѓа кога зборуваш така!

–       Никогаш не би можел да те сакам. Секогаш ја имаше мојата почит, но ништо повеќе.

–       Те разбирам, љубов моја. Само се’ плашиш да ги изразиш вистинските чувства.

–       Јас не те љубам, Ева! Убиј ме ако сакаш веднаш, но никогаш нема да ја имаш мојата љубов.

Одеднаш низ вратата влегоа неколку полицајци на чело со детективот Моралес.

–       Полиција! Оставете го оружјето, уапсена сте!

Покрај детективот и полицајците, во куќата влегоа Емператриз, Агата и Пандора.

–       Благодарение на Пандора сум жива, – рече Емператриз. – Оваа монструм од жена сакаше да ме убие. Ме заврза во визбата каде што ме најде Пандора.

–       И веднаш и се јавив на доња Агата дека нешто чудно се’ случува, – додаде домарката.

–       Оваа жена е мозокот на сите операции, малверзации и убиства кои се случија изминатата година, – рече Агата посочувајки кон Ева. – Добар повод за мојот нареден крими роман.

–       Имбецилке!, – извика Ева со растреперени раце во кои го држеше револверот. – Мораше ли да го вмешаш својот писателски нос за да уништиш се’?

–       Оваа жена го уби мојот брат Рафаел! Ги вршела сите убиства и наредби под псевдонимот на Емператриз Ламас.

–       Толку ли ме мразеше?, – со презир ја запраша Емператриз гледајки ја својата копија пред себе.

–       Ме остави да умрам во надојдената река, – со солзи во очите се присети Ева. – Се сеќаваш ли на сообраќајната несреќа кај Зихуантанехо пред повеќе од триесет години?

Емператриз како ни бунило се’ сети. Кога имаше само десет години нејзините родители и нејзината помала сестра починаа во трагична сообраќајна несреќа кога автомобилот со кој управуваше нејзиниот татко се преврте од мостот враќајки се од годишниот одмор. Телото на нејзината сестра никогаш не беше пронајдено.

–       Сара?, – прошепоте со грутка во грлото, гледајки во бесниот поглед на верната секретарка.

–       Да. Сара! Твојата помала сестра! Грдото пајче кое ти пречеше кога си играше со другарките. Онаа која те следеше како сенка. Онаа која ти се восхитуваше. Онаа која секогаш сакаше да биде како тебе.

–       Сара…Те молам пушти го пиштолот. Не биди глупава, – Емператриз направи чекор кон неа, но без предупредување Ева го потегна чкрапалото и куршум ја погоди Емператриз во близина на градите.

Полицајците веднаш изрипаа кон Ева успееа да ја совладаат одземајки и го оружјето. Но, за Емператриз веќе беше доцна. Почна да го губи тлото под нозете, а Лусијано пријде да ја задржи. Обемно губеше крв во рацете на човекот кој му ги даде последните години од животот.

–       Издржи, Емператриз…те молам, – низ солзи  ја молеше Лусијано.

–       Не плачи, морковче, – му се насмевна таа бришеји ги неговите солзи со врвот на прстите. – Не плачи…Секогаш ќе те чекам на другата страна од животот, – изусти со последна сила пред да го испушти последниот здив.

 

 

 

Две години подоцна

 

 

 

           

 

Првите чекори во својот живот, малечкиот Рафаел Уриостеги де Ламас ги направи на имото Ла Лома во Колима. На бескрајно пространите зелени полиња, каде што само царуваше поволниот ветар, во присиуство на својата мајка Каталина која го овековечуваше големиот момент со својата видео камера, својот год татко Себастијан и постарата сестра Хисела. Живееа во хармонија и спокој секој ден.

–       Да одиме внатре бидејки во секое време треба да дојде тета Луз со Инесита и тетин Висенте, а мама по тој повод ќе направи голема салата додека тато ја подготвува храната, – рече Каталина земајки го синчето во рака. Веќе во следниот миг, одекна сирената од караванот на Висенте. Каталина ликуваше од среќа. Конечно живееше во спокој.

Од автомобилот прво излезе Луз држејки ја својата петнаесет месечна ќерка за раката, а веќе го очекуваше и второто дете. Требаше да се породи во октомври. Висенте ги зеде торбите пред да се поздрави со фамилијата.

–       Имате голем поздрав од тетка Агата која жали што не може да дојде бидејки е на турнеа за новиот роман.

–       А мама?, – праша Каталина. – Мислев дека ќе успеете да ја убедите да дојде.

–       Ја знаеш мама. Колку е тврдоглава. Остана со Глорија во куќата. Ах, – воздивна Луз и ја зеде својата сестра за половината. – Ова ќе биде незаборавно лето…

Сите заедно се’ упатија кон имотот.

 

 

 

Свежо утро во градината на семејната куќа Уриостеги. Глорија, новата болничарка на Мерседес и помогна на госпоѓата да го извади своето платно за цртање заедно со палетата на бои.

–       Преубаво утро, Глорија, – воздивна Мерседес, вдишувајки свеж воздух. – Конечно почнувам да живеам.

 

 

Лусијано влезе во канцелариите од  каде што со години ја водеше Фалкон. Барем она што беше останато од зградата по пожарот кој го предизвика Мануел пред две години. Само пепел и остатоци од некогашната најголема авио империја. Откако Агата му  ги продаде акциите, тој ги даде средствата во институтот за парализирани и луѓе со хендикеп. Беше свесен колку неговиот помал син целиот живот се’ носеше со таа тежина и сакаше да им помогне на сите деца и млади луѓе да живеат нормално.

Фалкон никогаш не пушти свој авион во летање повторно.

Лусијано гледаше околу. Рушевини, мирис на старо и влага, остатоци од мебел кој некогаш се користеше во фирмата, хартии, признаници, дипломи, стари фотографии…И непребол.

 

 

            Мерседес пресече една свежа, црвена роза од градината и се’ упати кон спалните соби на катот од куќата. Но, розата не беше набрана за да ја освежи нејзината соба. Се’ упати право по одникот кон собата на Софија. Онаа соба која секогаш беше заклучена освен сега. Вратата и прозорецот беа широко отворени.

–       Ќе фатиш промаја на отворено,- изусти Мерседес па ја стави розата во свежа вода и погледна во Софија која седеше на лежајот и читаше книга на отоврената светлина од прозорецот.

–       Ти благодарам што секогаш остана верна и не ја издаде мојата тајна, Мерседес, – и се намсевна со блескавиот ред бели заби.

–       За што служат сестрите, – низ насмевка и врати Мерседес и силно ја притисна нејзината рака.

 

Секогаш кога се враќаше на имотот, Себастијан се сеќаваше на детството и бескрајните летни лудории кои ги имаше со својот помал брат. Еднаш, кога тој имаше дванаесет а Мануел девет, направија змај кој го летаа високо на небото се’ додека не го загубија во џунглата. Мануел беше толку тажен цела вечер, што Себастијан стана рано наредното утро за да направи нов. Никогаш не му кажа дека тоа е друг змај. Само му кажа дека го понашол. Насмевката и среќата во очите на Мануел беше бесценета.

Со солзи во очите, Себастијан се сети на тоа сеќавање кое го беше заборавил низ годините. Денес, имаше направено нов змај, практичноо идентичен како оној кој му го направи на Мануел кога беа деца.

Беше зајдисонце, од оние убави кои го правеа небото црвено а почвата жолта.

–       Уживаш во мирот?, – го праша Каталина, приоѓајки му.

–       Мириса на есен, – одговори Себастијан, длабоко воздивнувајки.

–       Дојдов само да ти кажам дека вечерата ќе се олади.

–       Веднаш ќе дојдам, – и рече нежно бакнувајки ја.

Ја остави да се врати назад во куќата, а тој посегна по змајот. Ветрот му ја бушавеше косата.  И тогаш, на поволниот ветар кој засилуваше го пушти змајот да лета високо. А тој потрча кон саканата како да лета се’ додека не ја престигнана тремот и ја зеде за половина.

            А змајот сеуште леташе.

 

 

-Крај-

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Научи ме да летам | Enseñame a Volar #053 & 054

#53то продолжение                 Со двете дланки, Себастијан го покри своето лице. Одеднаш се …

Leave a Reply

error: Содржината е заштитена!