Меѓу многуте музички имиња во Македонија што во минатото уживаа голема популарност за потоа целосно да бидат заборавени, се вбројува и пејачката со одлични вокални способности, Верица Каранфиловска. Постарите генерации ја познаваат како малото девојче со светли очиња кое повеќепати на фестивалите настапуваше со својот татко Драган Каранфиловски. Ние помладите ја паметиме како членка на групата XXL, дел од атрактивната четворка која во 2000-та година ја претставуваше Македонија на Евровизија, додека таа самата сакаше да биде препознатлива по своето име и презиме поради што и започна соло кариера откако излезе од споменатата музичка група.
Групата XXL по дебаклот во Стокхолм, Шведска, стана трио затоа што наводно, Марија, Росица и Ивона влегле во конфликт со Верица, која одлучила да ги напушти. Двете страни ветуваа големи нешта. Марија во 2004-та година имаше изјавено дека по завршувањето на тогашните испитни сесии, заедно со Росица и Ивона повторно ќе се заангажирале околу нивната музичка кариера, но од тоа ништо.
Верица, пак, силна како никогаш дотогаш, за шпекулациите околу нејзиното врќање во групата имаше изјавено дека тие се завршена приказна за неа и додаде оти ќе се фокусира на својата соло кариера, но и од тоа ништо не видовме. Останаа само неколкуте YouTube клипови кои ќе не потсетуваат на имињата што некогаш беа актуелни во Македонија.
До следното враќање во минатото!
Крис Манев | ТВ Пакет