„Пет браќа“ е нова турска серија, одлична комедија на нашите простори која започна со емитување овој месец на каналот Dizi.
Серијата ја раскажува животната приказна на пет браќа чии родители трагично го загубиле животот во земјотрес. Ликовите на Саит, Назим, Тургут, Азиз и Орхан маестрално се донесени од страна на СерканКескин, Осман Сонант, ТансуБичер, Надир Сарабачак и ФатихАртман, до толку што невозможно е да не се поистоветите со истите.
И како што ниту прстите на раката не се исти, така е невозможно овие пет браќа да наликуваат во своите карактери еден со друг. Единственото нешто што по што тие наликуваат е нивното минато и фактот дека крвта не е вода.
Петте браќа живеат во старо маало, во дрвена куќа која ја имаат наследено од својот дедо. Најстариот од браќата, Саит, одамна ја преземал улогата на татко на семејството. И покрај сите тешкотии низ кои поминале, тој успеал да го држи семејството заедно. Со својата рибарска плата ги одгледал, хранел и подучувал своите браќа онака како што најдобро знаел и умеел.
Емотивниот новинар Назим, имамот на населбата Тургут, телохранителот Орхан кој сонува да пее, ентузијаст на трки со коњи Азиз, иако веќе возрасни мажи, тие не ни замислуваат како би било да живеат одвоено од најстариот брат.
Нивната семејна идила се менува во моментот кога Саит конечно носи одлука за себе. Саит, кој и самиот старее, започнува да размислува за создавање семејство и им соопштува на браќата дека ќе се ожени. Иако „бегството на Саит од гнездото“ ќе ги вознемири браќата, тој е сигурен во својата одлука. Тој планира да се ожени со Џанан, мирна и чесна жена која живее во соседството со мајка си и брат и, и е длабоко врзана за Саит.
Додека браќата се обидуваат да ја прифатат оваа неочекувана одлука – дури и додека повеќето од нив ја отфрлаат директно – животот на Саит станува се повеќе и повеќе бурен. Сето тоа се должи на враќањето на неговата голема љубов,Фахире, која пред неколку години го напуштила соседството. Колку и да се обидува да избега, Саит ќе се најде на средина на љубовен триаголник. Борејќи се со својата љубов за двете жени, тој не внимава на своите браќа кои ќе тргнат по неочекувани патишта во нивните животи.
Назим ќе наиде на секакви проблеми при истражување на навидум едноставен случај. Тургут, кој живее сам во својот свет на верата, за прв пат ќе се сретне со љубов. Додека работи како телохранител, Орхан ќе се обидува да стигне до сцената на таверната и да започне кариера како пејач. Азиз ќе го напушти светот на трки со коњи и постепено ќе зачекорува по потемни патишта.
Животни проблеми на едно семејство во мало соседство. „Пет браќа“ е приказна за семејните вредности, братството, љубовта, пријателството и горчливите изненадувања кои ги носи животот. Следете ја оваа извонредна комедија секој ден од 23:10 на Dizi.