Нова македонска серија, наскоро на Алфа телевизија
Во следните месеци на Алфа телевизија започнува новата хумористична играна серија „Цимери“. Проектот е дел од сопствената играна продукција на Алфа и ќе содржи 40 епизоди од по 30 минути. Ваков проект и недостасуваше на публиката, вели режисерот Бачовски, кој надополнува дека дејството опфаќа реални ситуации од животот со веродостоен игран приод.
Извршен продуцент на серијата е Тони Ристов, а се работи според идеја на Ефтим Трајчов.
Сценаријата ги напишаа Ефтим Трајчов, Елена Стојановска и Зоран Бојаровски. Главните улоги го толкуваат: Кристина Арсова, Снежана Киселичка, Миле Вратеоски, Милорад Ангелов, Ефтим Трајчов, Бојан Велевски и други македонски артисти.
Главните шест лика се Марко, Цветко, Митко, баба Цена, Финка и Свјатло Красимиров, кои ќе го прикажат животот на цимерите во Скопје низ комичните ситуации на нивниот секојдневен живот. Случките низ кои ќе ги градат ликовите се од современото живеење и се проткаени со хумористични и иронични заплети. Темите се актуелни, секојдневни и провокативни, од вработување и градење кариера до вљубување, сексуалност, па се’ до тоа како да се преживее во голем град.
Музиката е на Роберт Саздов. Серијата се снима во студиото на Алфа и на неколку локации низ Скопје.
Дани | ТВ Пакет