Почетна / Живот / Ова е следниот голем чекор за човештвото – Телескопот Џејмс Веб

Ова е следниот голем чекор за човештвото – Телескопот Џејмс Веб

 

Ве запознаваме со документарниот филм, емитуван на Дискавери

 

Од настанувањето на цивилизацијата, па сѐ до денес, луѓето гледаат во небото и постојано се прашуваат како настанала вселената, од каде сме дошле или дали сме сами во вселената? Низ столетијата смислувавме  начини и правевме различни алати кои би ни помогнале да одговориме на овие прашања. Филмот „Телескоп“, ќе ги одведе гледачите на патување низ историјата на телескопите од Галилео, Њутн, преку Хабл, па сѐ од најновиот и најсофистициран телескоп наречен „Џемс Веб“, кој сѐ уште се склопува. Токму овој телескоп ќе може да ни ги приближи одговорите на голем број прашања.

 


 

Филмот „Телескоп“,режиран од Натаниел Кан, претставува динамично патување зад кулисите и  поглед на еволуцијата на телескопотпреку новиот телескоп „Џејмс Веб“ кој се изработува во НАСА. Овој масивен инструмент, ќе биде 100 пати помоќен од вселенскиот телескоп „Хабл“. Ќе функционира како временска машина што ќе биде способна да го открие потеклото на вселената и да го идентификува потенцијалниот живот на планетите надвор од Сончевиот систем.

Во филмот е прикажан досега невидениот пристап на луѓето до технологијата, а во целиот проект се вклучени астрофизичари, инженери од „Нортхорп груман“, луѓе од НАСА, кои работат во вселенскиот центар за летови „Годард“, и институтот „Спејс телескоп сајнс“, оперативниот центар за „Хабл“ и за „Веб“. Документарецот ја покажува високоризичната мисија за изградба на овој масивен научен инструмент и претставува сеопфатен поглед на 400-годишната историја на телескопите, почнувајќи од Галилео во 1609 година.

 


 

 Во изградбата на телескопот „Веб“, вклучени се илјада луѓе од 14 земји, кои заедно користат 8 милијарди долари наменети за истражување. На тој начин тие го почнуваат еден од најголемите и најамбициозни научни проекти до сега. Телескопот мора да биде совршен и без грешка, затоа што нема да постои шанса за негова поправка доколку се случи некој проблем. Инаку, лансирањето и испраќањето на телескопот во вселената е закажано за во октомври 2018 година.

Во последните 400 години човекот гледаше во ѕвездите низ инструменти за да го сфати своето место во вселената. Со својот примитивен телескоп, Галилео откри дека Месечината не е совршена топка, дека Венера има фази, дека Млечниот Пат е составен од ѕвезди, како и сателитите што кружат околу Јупитер. Секако најзначајното откритие, е доказот дека Земјата не е центар на сѐ, како што се мислело претходно.

 

 

 

Низ вековите, со напредокот на телескопите , научниците може појасно да ја видат вселената, притоа откривајќи ги новите планети како Уран и Нептун,  докажаа дека Млечниот Пат е само една од многуте галаксии, дека вселената постојано се шири…. Телескопот „Хабл“, кој годинава наполни 25 години, им овозможи на научниците да ја одредат староста на вселената, да го потврдат постоењето на црните дупки, па дури и да ги анализираат атмосферите на планетите што кружат околу други ѕвезди. Лансирањето на телескопот „Кеплер“ во 2011 година, доведе до откривање многу планети надвор од нашиот Сончев систем, за кои денес можеме слободно да кажеме дека околу секоја ѕвезда орбитира барем една планета.

 


 

Документарниот филм говори за тоа како телескопот „Веб“, ќе почне со мапирање на сите места на кои потенцијално еден ден би можеле да отидеме и да се населиме. Иако „Веб“ ќе ни овозможи да почнеме со пронаоѓање на одговорите на многу прашања, потребни се поголеми и помоќни телескопи и нови техники за да можеме навистина да го разбереме нашето место во вселената, за еден ден да можат да не однесат на патување надвор од Сончевиот систем.

 

Дани | ТВ Пакет

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Добитниците на награди на Струшките вечери на поезијата 2024

Со Меѓународен поетски митинг на платото пред Музејот на современа уметност во Скопје, заврши 63. …

Leave a Reply

error: Содржината е заштитена!