МРТ се ребрендира во недела
Иако првично беше најавено дека новиот визуелен идентитет на Македонската телевизија ќе се презентира оваа сабота (22.09), официјално дознаваме дека тоа ќе се случи во недела.
Новите ликови, новото лого, светскиот изглед на Дневникот, новата генерација новинари и новата програмска шема ќе заблескаат на МРТ и ќе направат таа да го врати стариот сјај. Обновениот период во историјата на националниот сервис ќе започне со вестите во 19.30 часот во недела коишто ќе ги презентираат легендарните Бранка Станковска и Благоја Крстевски. Станковска е на 81-годишна возраст и се присеќава дека таа ја отворила телевизиската програма на ТВ Скопје во 1965-та година. Тие ќе го започнат Дневникот, но ќе го завршат новите ликови на МТВ, Горан Петрески и Билјана Трендафилова. Дел од Дневникот ќе бидат и вклучувања во живо, седум од земјава и три од странство.
“Искрено веруваме и се надеваме дека новите телевизиски ликови, емисии, квизови, серии, спортски настани, но и од корен сменетиот лик на Дневникот, ќе бидат вистински магнет за гледачите. Вложуваме многу труд и енергија за да го вратиме сјајот на националниот сервис. Поради таа цел ангажирани се сите расположливи капацитети на МРТ зајакнати со неколку нови имиња кои се истакнати професионалци во својата област. Со еден збор секој ден на МРТ ќе биде посебен за гледачите. Сигурен сум дека во програмата има понуда за секој гледач и оној што е љубител на информативните емисии, оние кои сакаат повеќе да гледаат серии и оние кои се обожаватели на интерактивни шоу емисии“, изјави Марјан Цветковски, извршен директор на МРТ.
Она за што најмногу се интересираат гледачите е кога ќе започнат најавените серии: „Озборувачка“, „Натприродно“, „Менталист“, „Истрага на местото на злосторство; Лас Вегас, Мајами и Њујорк“ и „Репортери“, а одоговорот веројатно ќе го добијат оваа недела.
Chris | ТВ Пакет