Во среда, на 27. февруари во 20:45 часот, во студиото 1 на Македонската радио телевизија, гледачите за прв пат ќе имаат можност да ја слушнат „Империја“, евровизиската песна на нашите годинешни претставници, Есма Реџепова и Влатко Лозановски. Исто така во текот на шоуто во среда, ќе има и премиерно прикажување на официјалниот спот за македонската песна која ќе не претстави на „Евровизија 2013“.
„Велат дека упорноста и трудот секогаш одат заедно и резултираат со неминовен успех. Како доказ на ова тврдење, подготвивме шоу, за кое нескромно можам да кажам дека ќе изгледа и повеќе од светски. Преку шоуто, нашите гледачи ќе имаат можност да бидат сведоци на она на што подолг временски период неуморно работи тимот на Македонската радио телевизија и безрезервно вложува во проектот наречен „Евровизија 2013“. Го поканувам сиот македонски аудиториум, но и пошироко да го проследи евровизиското шоу, оваа среда, во 20:45 часот и за прв пат да ја слушне хитовската „Империја“, како и да го види спотот за истата“, изјави Љупчо Мирковски, шеф на евровизиската делегација на Македонската радио телевизија.
Богата музичка програма на која домаќин ќе биде Димитар Атанасовски, голем избор на гости и разговори поврзани со темата „Евровизија“ е само мал дел од најавата за она што ќе се случува оваа среда, во 20:45 часот, во студиото 1 на Македонската телевизија нашите евровизиски претставници Есма Реџепова и Влатко Лозановски ќе сe претстават со неколку свои песни, придружувани од народниот оркестар и Биг Бендот на МРТ, како и со видео записот на евровизиската „Империја“.
Студиото ќе го збогати со своето присуство и минатогодишната евровизиска претставничка Калиопи Букле, која ќе им го пренесе своето искуство поврзано со „Евровизија“. Евровизискиот хит „Империја“ е делo на авторите Симеон Атанасов и Дејан Момироски задолжени за музиката и аранжманот, а текстот е потпишан од Борче Нечовски.
Крис Манев | ТВ Пакет