Продажбата на бела техника во Македонија расте. Потрошувачите при изборот на производот главно се водат од цената, иако се повеќе интерес има и за енергетски ефикасните производи.
– Граѓаните се интересираат и бараат производи што се енергетски поефикасни, што е и на запад многу актуелно. Ние имаме на лагер, набавуваме и може и да ги едуцираме граѓаните и дополнително колку што има потреба. На секој производ има специјално истакната ознака за енергетска ефикасност и колкава е потрошувачката на енергија и колкава е заштедата, изјави Александар Медарски, раководител на малопродажба во „Техномаркет“.
Додава дека секако оние брендови што се од повисока класа имаат пониска потрошувачка, односно поголема енергетска ефикасност, што се бара сега на пазарот. Потенцира дека при купувањето се уште пресудна е цената, иако голем замав зема и енергетската ефикасност, бидејќи на подолг временски период е поисплатливо.
– Дури и на старт да се плати малку повисока цена со текот на времето се враќа во заштеда на енергија и вода, рече Медарски и додаде дека со малку поголемо објаснување граѓаните ќе станат свесни дека е подобро да купат машина која има повисока енергетска ефикасност бидејќи со натамошно користење тоа ќе им се врати.
Појаснува дека продажбата расте.
– Доаѓа до промена на уредите на граѓаните што ги имаат дома. Сега е и време кога и производите се попристапни отколку порано. Не е веќе време кога машини купуваме па ги користиме по 20 години, сега промената на тие машини е многу пократка. Независно што квалитетот на апаратите не е паднат. Таков е трендот и на запад и кај нас, истакна Медарски.