Доколку не се случеше кобната несреќа кај Нова Градишка, денеска Тоше Проески ќе наполнеше 33 години, а неговите вокални способности што тој ги поседуваше којзнае до каде ќе го прославеа неговото име. Македонија и Балканот и денеска со грутка во грлото се потсетуваат на песните што Тоше ни ги остави во наследство, музичко наследство кое е бесценето.
По повод неговиот роденден Фондацијата Тоше Проески денеска ќе ја промовира книгата „Ова не е крај“ која опфаќа сегменти од животот на македонската музичка легенда. Автор на книгата, која ќе се промовира денеска, е Соња Алексоска Неделковска. На промоцијата ќе се обрати министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
За потребите на книгата се интервјуирани повеќе од 80 соговорници. Сеќавања за Тоше споделуваат членовите на најблиското семејство, сестрата Дора, зетот Славен Ристески, внукот Кристијан. Интересни случки од детството откриваат и неговите другари.
Читателите ќе имаaт можност да дознаат за почетоците на кариерата на македонската легенда, за првите настапи и првата отпеана песна. Како се одвиваше неговиот професионален музички пат, спомени споделуваат македонските автори, изведувачи и продуценти, претставници на медиумите, како и познати имиња од светот на класичната музика и од спортот. За кариерата на Тоше во Србија свои искуства споделуваат неколку музички соработници и изведувачи и неколку познати српски новинари. Како Тоше ја освои Хрватска и Блаканот ќе откријат повеќе значајни личности од тамошниот музички пазар. Светски автори ќе го споделат искуството за соработката со нашата легенда при снимањето на албумот „The Hardest Thing”.
– Книгата ќе биде во луксузно пакување, правена е по терк на изданијата за светските ѕвезди. Во неа има фотографии на Тоше од неговиот приватен албум. На нив се овековечени моментите со неговото најблиско семејство, како и од детството, од првите чекори на снегот, првите настапи, концерти, фотосесии, информираат од Фондацијата „Тоше проески“.
По повод роденденот на Тоше ќе биде промовиран и спот за песната „Жао ми е“. Во видеото кое се снимаше во Бугарија е опишана љубовна приказна меѓу двајца млади, а во него Тоше се појавува во облека од античко време.
Од фондацијата „Тоше Проески – Крушево“ нагласуваат дека Тоше остави големо музичко наследство.
| ТВ Пакет