На најлудата ноќ во годината, шоуто „Танц со ѕвездите“ ќе ја има својата премиера на Македонската Радио Телевизија. Дека утревечер ќе има што да се види на националниот сервис, говорат и овие провокативни фотографии до кои дојдовме, и кои претставуваат само најава на она што утре гледачите ќе можат да го видат на МРТ. Како една од најзапаметените учеснички од првата сезона, сексапилната Марјана Станојковска ќе има свој настап, кој со сигурност ќе го привлече вниманието на гледачите.
Познати пејачи, манекенки, актери, спортисти ќе бидат дел од втората сезона на шоуто „Танц со ѕвездите“, кое ќе се емитува на првата програма на Македонската телевизија. Ќе се појават радио и ТВ-водителот Димитар Атанасовски, каратистката Наташа Илиевска, пејачката Сара Мејс, ватерполистот и фотомодел Стефан Лошковски, пливачката Наташа Мешковска, новинарката и телевизиска презентерка Маријана Димовска, музичарот Владимир Крстевски – Франц, старлетата Александра Накова, актерите Мартин Јордановски и Влатко Илиевски и нивните професионални денс-партнери, кои ќе ги одмерат танцувачките сили.
Организаторите на шоуто ветуваат поголема забава од првото издание. Ќе се снима во најголемото телевизиско студио 1 на МРТ, со блескава сценографија и танцов подиум подготвен за новите кореографии, кои овој пат ќе имаат и промени како танцов маратон, препознавање тип музика и импровизација на кореографија на самото место.
Утрешната празнична програма на МРТ ќе започне со спектакуларниот Новогодишен концерт на Танец, а понатаму ќе биде обоена со специјално избрана и дизајнирана музичка програма, во којашто покрај ревијалното издание на „Танцот со ѕвездите“, на атрактивниот подиум ќе блеснат и дел од најреномираните музички имиња од македонската забавно – музичка сцена.
| ТВ Пакет