Почетна / Забава / Утре започнува Вевчанскиот Карневал

Утре започнува Вевчанскиот Карневал

 

Со трибина на тема: Во одбрана на македонското име и македонскиот идентитет, утревечер ќе започне традиционалниот Вевчански карневал, кој што оваа година со проширени содржини ќе се одржи од 10-ти до 14-ти Јануари. Под мотото „Биди и ти вистински василичар“ организаторите на фестивалот  најавуваат богата музичка програма и интересни активности за посетителите од сите возрасти со цел да го почувствуваат василичарскиот дух и да бидат дел од големото карневалско доживување.  На денешната прес-конференција за медиумите Градоначалникот на Вевчани го изрази своето задоволство што прв пат карневалот ќе го проследи од другата страна- како организатор на истиот.

– Огромна чест ми е што за  прв пат како Градоначалник на Вевчани, ја организираме оваа манифестација која е од големо значење за секој Вевчанец.  Веќе имаме одличен одзив и најавени се многу гости за овогодишниот карневал , меѓу кои секако неизбежно е  и присуството на дипломатскиот кор. Со гордост можам да кажам дека главен адут на карневалот оваа година е гостопримството, па во таа насока жителите на целата општина се подготвени за соодветен дочек на сите посетители.  Интересни содржини за посетителите од сите возрасти како што се детско василичарко катче за изработка на маски, натпревари во цепење дрва, тркалање буриња, влечење јаже, но и многу богата музичка програма која ќе се одвива во текот на сите карневалски денови се нештата по кои Вевчански карневал 2014 ќе се разликува од претходните.  Очекувам успешен карневал, многу смеа и секако зголемување на бројката на посетителите – изјави г-дин Цветомир Угриновски  Градоначалникот на Општина Вевчани.

 

 

Куќи на гостопримство во кои посетителите ќе можат да вкусат од традиционалните вевчански специјалитети, детско василичарско катче за изработка на маски, натпревари во греано вино и ракија, тркалање буриња, влечење јаже, цепење дрва, промоција на аудио ЦД, изложба на фотографии,  промоција на книга,  се само дел од активностите со кои Вевчанци и нивните гости ќе бидат анимирани во карневалските денови. Оваа година ќе биде вратен и стариот обичај – ќе биде избрана најдобра групна маска на која ќе и биде подарено буре црвено вино, исто како порано.

Организаторите најавуваат музичка програма најбогата во историјата на карневалот. Ѓоко Танески и Куку Леле ќе настапат на 12-ти јануари кога главни ѕвезди на вечерта ќе бидат момците од најпопуларниот рок бенд на овие простори, Ван Гог. Дневни акустичните свирки во амфитеатарот се новост во музичката програма, а за нив ќе биде задолжен етно составот Теодулија од Србија кои ќе настапуваат со македонски етно песни на чело со лидерот на групата Мима Шекуткоска –  која има потекло од Вевчани.

Вечер на македонски ѕвезди е предвидена за 13- ти јануари, кога на сцената ќе настапат Миле Кузмановски, Сузана Спасовска и Ефто Пупиновски.

– Тргнувајќи од фактот дека јас, а и Василичарите имаме истта желба – да ги избркаме злите духови и да ја дочекаме Новата Година ( по стариот календар) која ќе ни биде исполнета само со убави мигови, ми претставува навистина огромна привилегија и задоволство да бидам дел од единствената манифестација без режим и стеги.  Токму затоа без размислување прифатив да бидам дел од овогодишниот карневал и во очи Василица да ги забавувам сите посетители во Вевчани– изјави нашата фолк ѕвезда Миле Кузмановски.

 

Посетителите кои ги сакаат хуморот и сатирата, сакаат да бидат Василичари во Вевчани, на лице место ќе можат да си набават маски и под нив, да бидат дел од василичарската поворка и да го искажат се она што во себе го чувале изминатите 365 дена.

 

 

| ТВ Пакет

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Успешен настап на Дијана И. Илкоска со Софиската филхармонија

По неодамнешниот успех во Грузија, нашата реномирана диригентка, маестра Дијана Имери Илкоска, продолжува со нови …

Leave a Reply

error: Содржината е заштитена!