Каролина приреди концерти за паметење – Битола и Охрид на нозе
Феноменот наречен “Македонско девојче” доживеа концертни спектакли и во Битола и Охрид. Каролина Гочева пред битолската и охридската публика одржа концерти на кои ги изведе песните од “Македонско девојче 1”, “Македонско девојче 2”, стари македонски народни песни и дел од нејзиниот поп репертоар.
Турнејата низ Македонија беше планирана за ланското лето, но поради трагичната смрт на нејзиниот менаџер, таа се одложи година подоцна. И магијата воопшто не се загуби, а концертите, Каролина и нејзиниот тим ги посветија на Даниел Милошески.
Публиката пееше и аплаудираше на секоја песна на Каролина, а таа, грациозна и пресреќна, се заблагодаруваше на сите оние кои беа дојдени на концертите, кои уживаа во извонредните песни и ја почитуваат квалитетната македонска музика. Стајлингот, како и секогаш, дело на Цаци Паковска која и овојпат одбра елегантни и летни комбинации за македонската дива.
Како и на скопските концерти, така и во Охрид и Битола не изостанаа овациите и нејзиното враќање на бис. Публиката едногласно докажа и покажа дека Каролина е единствена, а дека нејзините проекти наречени “Македонско девојче” се веќе евергрини во македонската музичка историја. Освен публиката на Антички, огромна публика го следеше концертот во Охрид и од околните куќи и тераси.
А пак за концертот во нејзината родна Битола, пејачката изјави :
– Публиката уживаше, а исто така и ние. Кога имаме среќна публика ние сме уште посреќни. Мислам дека направивме одличен концерт и одлична енергија разменивме со публиакта. Секогаш концертите во Битола со нетрпение ги очекувам, бидејќи секогаш се случува некоја посебна приказна.
Следниот нејзин концерт во стилот на овие песни е закажан за 2 август во Дојран во Градскиот парк. Пред настапите во Македонија, минатиот месец, Каролина го промовираше последниот албум и во Бугарија на познат музички хепенинг, како и во Србија на “Егзит 2015” каде тамошната публика го прифати подеднакво добро како и нашата. Македонското девојче и нејзиниот специфичен мелос ги освоија Македонија и Балканот, а до нејзиниот следен албум, останува да уживаме во бесмртните песни од “Македонско девојче”.
Дани | ТВ Пакет