Турски серии, српски серии и емисии, цртани серии и квизови оваа сезона на Сител
Покрај турските серии кои ќе бидат главен дел од прајмтајмот на Сител, оваа телевизија оваа сезона ќе понуди и други телевизиски содржини за пошироката публика. Во програмата остануваат индиските сапуници “Огнови на љубовта” и “Малечката невеста”, како и српските емисии “Брачен судија” и “Се за љубов”.
Она што започнува прво и тоа од понеделник, по новата епизода на “Имитација на животот” се новите епизоди на турската серија “Карадај”. Потрагата на Махир по правда во турскиот судски систем и љубовта кон судијката која треба да му суди на неговиот татко продолжуваат и понатаму во следните месеци на Сител телевизија. По Карадај ќе започне новата турска серија “Сила”, која минатите две години се емитуваше во соседните земји. Ова е уште една љубовна приказна која зборува за судирот на традицијата и модерното време, а за неколку недели ќе ве информираме и за содржината на оваа новела. Освен Сила и Карадај, оваа сезона ќе се даваат и други турски серии, меѓу кои “Мирниот сокак”, приказна за девојката која во име на љубовта ќе ја облече бурката и “Враќање од Румелија”, комична семејна приказна која е снимана во Битола.
Во ноќните термини ќе се даваат серии со поинаква содржина. “Flashpoint” е канадска полициска серија во која различни криминални случаи се решаваат секоја епизода од страна на специјалната единица на Онтарио. Уште една серија од ваков тип која ќе се емитува на Сител е “NCIS Los Angeles”.
Борбата за власт и патот кон успехот на еден од најголемите светски водачи ќе ја гледаме во руската серија “Сталин”, а животот на најголемата светска јасновитка ќе биде раскажан низ 12 епизоди во руската серија “Баба Ванѓа”. Уште пред две години беше најавена и британската хит серија “Дворецот Донтон”, но дали ќе ја видиме оваа приказна оваа сезона синхронизирана или не, останува да видиме.
Кога сме кај сериите, оваа сезона ќе се емитуваат и новите српски серии “Шеширот на професорот Коста Вујиќ” и “Самец во брак”. Првата серија ги прати згодите и незгодите на ексцентричниот професор по германски јазик во Првата машка гимназија во Белград, а во втората серија, гледачките ќе го следат љубовниот триаголник на Лилјана, Радмило и Момчило.
Од српската продукција тука се и други наслови меѓу кои и забавното шоу “Твоето лице звучи познато”. Шоуто со голем успех се емитуваше лани на Прва српска телевизија и претставува српска верзија на светски познатото “Your Face Sounds Familiar”. Низ 12 емисии, познати личности од српскиот шоу бизнис имитираат домашни и светски музички личности, а нивните имитации ги оценува тричлено жири.
За најмалите, тука се “Мрзливиот град”, “Ангелина балерина” и “Куќата на Анубис” кои продолжуваат за време на викенд утрата и оваа сезона. Освен овие цртани серии, започнуваат и нови утрински анимирани серии. “Прасето Пепа” ќе ги следи авантурите на Пепа, нејзиното семејство и пријателите секој ден низ 5 минутно прикажување. Едно девојче ќе зборува со еднорозите во “Миа и јас”, а момчињата ќе уживаат во борбите на змејовите и викинзите против непријателите во “Змејови”.
Овој месец со емитување во своите термини продолжуваат надсинхронизираното американско шоу “Доктор Оз” и “Се или нешто” со Лила, а започнува премиерно и новиот квиз “Без поени” со Снеже Велков. Ова е квиз на општо знаење во кој се натпреваруваат четири пара кои треба да даваат брзи одговори на прашања од различни области. Паровите може да бидат составени од членови на фамилијата, колеги, пријатели или луѓе кои се чувствуваат блиски. Целта на играта е да се соберат што помалку поени, а прашањата се кратки од типот “Наведи американски претседател”, “Наведи име на река”. “Наведи раса на куче”, “Наведи лик од турска серија”.
Покрај сите овие серии, квизови и цртани, ќе се емитува и новата кулинарска емисија “Кујна шоу”.
Дани | ТВ Пакет