#19то продолжение
Себастијан се разбуди неколку минути по пладне. Сакаше да го посети својот татко. Го провери телефонот, но немаше пораки. Го сфати тоа како добра вест. Влезе под туш и петнаесет минути подоцна влезе во кујната и посегна во креденоцот по мусли и млеко. Додека си подготвуваше јадење, неговиот пес стоеше покрај него со коланот меѓу забите.
– Знам дека имаш потреба, но ти ветувам дека Фредо ќе те прошета. Не можам денеска, Бак, разбери ме.
И додека го водеше разговорот со песот, се огласи ѕвоното од влезната врата. Кога отвори пред него стоеше Ана, една од стјуардесите на Игуана со која имаше кратка врска во Мадрид.
– Ана? Од каде ти овде?
– Мислеше дека си единствениот кој е префрлен во Мескико? Грешиш, душо. И ние стјуардесите ја задржавме работата. Дојдов да го видам Фредо. Треба да му дадам нешто. Со тебе не сакам да зборувам.
– Фредо спие. Но, каков е овој однос сега? Што ти погрешив?
– Твојата девојка Ванеса ти прати голем поздрав.
– Ванеса?
– Те молам дај му го ова УСБ на Фредо. Има некои информации кои му требаа. Чао.
– Ана, Ана, застани. Каков е овој однос?
– Не знам прашај ја девојка ти Ванеса.
– Ванеса е девојка со која се гледав многу пред тебе. Точно дека е нападна и зборува многу, но ти се колнам дека немам ништо со неа.
– Се колнеш?
– Да, се колнам.
– Во ред. Тогаш сум подготвна да свртам нов лист доколку ме честиш ручек денес.
– Денес? Не можам денес.
– Тогаш утре?
– Не можам ни утре…
– Ти си дивјак!, – извика Ана на крајот. – Не сакам никогаш повеќе да те видам!, – му дофрли и ја тресна вратата на заминување.
Мануел влезе во станот на Каталина, откако Агата му отвори. Му кажа дека Каталина сеуште спие, но дека е време некој да ја разбуди. Му понуди кафе, но Мануел одби. Се упати право кон собата на својата вереница која сеуште спиеше со превез преку очите.
Клекна до неа крај креветот и ја бакна во образ. Каталина се растегна вадејки го превезот за очи од главата.
– Добар ден, заспана убавице.
– Колку е часот?, – праша прозевајки се. – Кој ти отвори?
– Седумнаесет минути по пладне. И Агата, – и одговори на двете прашања.
– Сум го преспала половина ден. Но, тешко заспав сношти. Скоро беше ден кога потонав во сон.
– Разбирливо. По се што се случи вчера.
– Како е дон Лусијано?
– Во кома. Но стабилно.
– Стабилно? Што значи стабилно?
– Дека може да се разуди за еден час, за еден ден или за пет години.
– Страшно. Те молам, оди и подготви кафе. Да се облечам и ќе дојдам.
Мануел ја бакна во чело и излезе од собата.
Кога Фредо стана, трљајки ги очите, пријде во кујната каде што Себастијан пишуваше порака на лист хартија.
– Само што ти пишував порака. Да го прошеташ Бак. Јас ќе одам во болница да го видам татко. И, да, ќе забораваев. Беше Ана. Остави УСБ за тебе.
– Ана? УСБ? Знаеш ли што има на тоа УСБ, Себастијан? Листата на патници со детални информации кои летаа на кобниот лет на Игуана. Сите потребни информации, телефонски броеви, имејл адреси…Со други зборови ќе дознаеме кој е Браулио Сантос и од каде резервирал карта.
– Ти си генијалец, Фредо! Сум ти кажал колку те сакам?. – Себастијан ликуваше. Го грабна УСБ стикот и го приклучи на својот лаптоп. Фредо беше во право. Тоа беше база на податоци на секој патник на летот на Игуана на 08.02. покрај името на Браулио Сантос стоеше телефонскиот број преку кој ја резервирал својата авио карта.
Рафаел, тоа пладне, влезе во собата на својата сопруга Мерседес, која беше завртена не левата страна на креветот и делуваше дека спие. Но, Мерседес чежеше будна. Кога слушна дека некој влегува во собата, ја заврте гавата и погледна во својот сопруг.
– Мислев дека спиеш.
– Рафаел…Дали си вљубен во друга жена?, – го праша изненадно.
– Како? Но, од каде сега ова, Мерседес?
– Само сакам да ја знам вистината Рафаел, – додаде таа земајки ги неговите раце. Со едната рака помина по неговото лице. Беше згоден и привлечен и покрај годините кои ги имаше.
– Те молам кажи ми ја вистината. Многу години сум болна. Никогаш си немал потреба од друга жена?
Нивниот дијалог го прекина влегувањето на болничарката во собата. Првично се изненади што го гледа Рафаел тука. Ретки беа моментите кога ја посетуваше болната сопруга.
– Добро утро. Време е за вашиот лек, госпоѓо.
Мерседес повторно погледна во својот сопруг, но остана без бараниот одговор. Рафаел стана од креветот и без збор ја напушти собата.
Каталина посегна по шољата кафе која и ја подготви Мануел. Од сношти, како да се срамеше да го погледне во очи. Мануел беше љубезен и внимателен како и обично, но што ако Себастијан му ја кажа вистината и сега се преправа пред неа, се прашуваше.
– Како брат ти ја прими вестта за дон Лусијано?
– Себастијан и татко никогаш не се согласуваа добро. Но јас го сакам многу. Сега сфаќам колку многу ми недостасуваше неговото присуство овие пет години. Но, тоа е што е. Едноставно не можам да престанам да мислам дека татко бил со него кога се случи тоа што се случи.
– Мислиш дека Себастијан влијаел за состојбата на дон Лусијано?
– Можеби. Додека живееше со нас, Себастијан и татко не се согласуваа. Често се расправаа. Што ако се расправале кога татко…Не сакам ни да мислам на тоа. Кога Себастијан замина од дома, татко легна болен.
– И зошто Себастијан заминал од дома и не се вратил сите овие години?
– Прости, Каталина, но не сакам да зборувам за тоа.
– Во ред, во ред разбирам.
– Татко дозна дека Себастијан спиел со Емператриз, – нагло одговори Мануел, оставајки ја Каталина со подотворена уста. – Затоа не сакам да зборувам за тоа. Ми враќа лоши сеќавања. Сега сакам да верувам дека Себастијан е променет, дека се кае за стореното. Ајде, преслечи се и те водам во болница.
Таксистот ги остави Себастијан и Фредо на бараната улица во населбата Бенито Хуарез. Според информацијата која ја добија, телефонскиот број од каде што беше резервирана авионската карта на патникот Браулио Сантос, доаѓаше од таа куќа. Додека Фредо го исплаќаше таксистот, Себастијан излезе од колата со букет рози.
– Ти чекај ме овде. Јас ќе затропам на вратата. Чувај ми стража.
– Сеуште не ми е јасно зошто купи рози.
– Немаме време сега за објаснување. Остани тука, – му нареди Себастијан и претрча преку улицата во ниската куќа одспротива.