Почетна / Вебновела / Научи ме да летам | Enseñame a Volar #023

Научи ме да летам | Enseñame a Volar #023

#23то продолжение

 

 

 

            Каталина и Луз се најдоа тоа попладне во една кафетерија. Каталина нарача коктел додека ја чекаше својата сестра. Само што беше завршен состанокот кој и го зададе Мануел и чекаше да помине времето за да појде во станицата како што му вети на Себастијан.

–       Ти благодарам што дојде. Ми требаше да разговарам со некого, – и рече на својата сестра, откако дојде Луз.

–       Алкохол сред бел ден? Каде гори?

Луз ја познаваше својата сестра и знаеше дека скоро никогаш не пие алкохол најмалку преку ден.

–       Се плашам дека Мануел ќе дознае дека сум го лажела.

–       Јас не би се плашела од тоа. Но, би се плашла од себеси. Прашањето е зошто имаше потреба да го лажеш?

–       Луз, ако сакав некој да ми ја размрда совеста, немаше да те викнам. Доволно добро самата си го правам тоа.

–       Тогаш, одговори ми го она што си го кажуваш себеси. Зошто го излажа Мануел?

Каталина повлече голтка од коктелот па одговори;

–       Не сакам Мануел да знае дека сум го запознала неговиот имбецилен брат. Не сакам мојот вереник да знае дека неговата ретардирана девојка се љубела со друг маж бидејки тој и го спасил животот. Тој бакнеж не ми значеше  ништо, но може да го повреди Мануел ако дознае. Ме разбираш?

–       Да, те разбирам. Само не ти верувам.

–       Сигурно се доживуваш како психијатар кога се работи за мојата приватност.

–       Не. Само ја гледам реалноста пред која ти замижуваш, – и одговори Луз.

–       Која реалност, Луз? За што зборуваш?

–       Дека си вљубена во братот на Мануел. Откако си дојдена од патувањето само мислиш и зборуваш за него. И дозволи ми да ти кажам дека никогаш не си ни била вљубена во Мануел. Ете, ти реков.

–       Вљубена во Себастијан? Во тој кретен? Не сум заљубена, биди сигурна во тоа.

–       Каталина, ни самата не си веруваш во тоа што го говориш.

 

 

Себастијан стана нервозен од она што му го кажа Агата. Стана од каучот и почна да шета низ просторијата.

–       Извинете, Агата, не ве разбирам, или не сакам да ве разберам.

–       Велам дека татко ти немаше мозочен удар. Некој се обиде да го убие.

Себастијан не рече ништо. Само појде кон својата соба и за кратко се врати. Во рака го носеше копчето од кошула која го најде во раката на својот татко.

–       Ова го најдов во левата рака на татко додека го водевме кон болница.

–       Интересно. Можам ли да го задржам?

–       Секако.

–       Лусијано Ламас е човек со тежок карактер кој ретко зборува за проблемите кои ги има, – додаде Агата. – Но, јас не би била јас доколку не успеам да прочепкам и да дознаам. Велиш дека татко ти сакал да зборува со тебе пред ударот? За што сакаше да зборувате?

–       За потешкотитте кои ги има во компанијата, – одговори Себастијан.

–       Значи сепак успеал да збрува со тебе?

–       Не. Само ми навести за што би зборувале. Кога влегов во библиотеката, го најдов неподвижен. Јас имам своја теорија. Авионот на компанијата за која летав доживеа саботажа. Зошто? За да паднат акциите и вредностите на Игуана Ерлајнс која беше на продажба. Зошто? За Фалкон Ерлајнс да ја купи Игуана за пониска цена. Е, сега, цврсто сум уверен дека татко ми не знаел за тоа. Не знал дека некој од компанијата извршил саботажа на авионот со кој јас управував. Најблиски негови соработници се брат ми Мануел…

–       И брат ми, Рафаел, – се надоврза Агата.

–       Токму така. Мисијата беше исполнета. Акциите и вредноста на Игуана падна, Фалкон ја купи компанијата.

–       Татко ти сметаше дека некој му работи зад грб и затоа сакаше да зборва со тебе. Ми го кажа тоа сношти.

–       Мислиш дека некој од неговите најблиски соработници му го сториле ова?, – сомничаво ја праша Себастијан.

–       Премногу долго пишувам крими романи и знам дека на почетокот секој сомничав излегува невин а невините излегуваат виновници на крајот. Она што со сигурност го знам е дека татко ти, мојот голем пријател во овој момент се бори меѓу животот и смртта и ќе сторам се за да откријам кој е виновникот.

 

 

Емператриз нервозно погледна на рачниот часовник. Пред петнаесет минути требаше да се најде со Рафаел на дговоренто место во ресторанот. Откако нарача свежа салата, го здогледа Рафаел како приоѓа до масата каде што седеше.

–       Извини…

–       Без извинувања. Знаеш колку мразам кога доцниш.

–       Реков извини. Луз инсистираше да ја пренесам до дома. Потоа излезе дека треба да се најде со Каталина…

–       Без детали, те молам, – остро го пресече. – Мразам доцнење. Те побарав да те видам бидејки имам новости. Мислам дека знам кој можел да му ги прати фотографиите од нас на Лусијано.

–       Кој?

–       Мануел. Но тоа не е се. Градинарот сношти не прислушкувал додека зборувавме тројцата во визбата.

–       Градинарот?

–       Да.

–       И што ќе правиме? Не можеме да оставиме вака.

–       А што предлагаш, Рафаел? Да го убиеме? Не, не. Не грижи се за него. Твојата Емператриз ќе се погрижи за него.

 

 

Тоа попладне, градинарот Гато влезе доцна во кујната за ручек.  Роси, собарката го послужи на кујнската маса. Она што не можеше а да не го забележи е неговото чудно однесување.

–       Ќе ми кажеш ли што ти е денес? Цел ден си мистериозен и чуден. Одби да јадеш со останатите, ме избегнуваш.

Гато значително ја погледна собарката. Погледна наоколу, стана од масата, пријде до кујнската врата, ја затвори, се врати назад и рече;

–       Ќе ти кажам нешто, но мораш да ми ветиш дека нема никому ништо да кажеш, Роси.

–       Во ред. Зборувај.

–       Не само во ред. Заколни се дека никому нема да кажеш.

–       Во ред, Гато, се колнам. Што сакаш да ми кажеш?

–       Сношти, за време на забавата…

Гато не успеа да ја доврши реченицата бидејки во кујната влезе готвачката Алтаграсија, држејки се за главата.

–       Не можам да поверувам. Не можам да поверувам, каква казна…Кога и да дојдам вие двајца зборувате, шепотите. Никогаш не работите ништо. Назад на работа! Роси, имаш цел куп за пеглање во собата, а ти уште не си ја искосил тревата кај фонтаната, а веќе се стемнува. И бидете среќни што ја ви го велам ова, бидејки да беше доња Емператриз ќе летавте на улица. Дали сум јасна?!

 

 

Агата само што се врати дома, ја спушти торбата на работната маса, кога заѕвоне телефонот.

–       Што сакаш, Ектор?, – без грам љубезност го праша својот уредник.

–       Агата, сакав да зборуваме за твоето патување во Чиле…

–       Заборави на тоа. Решив да не одам, – го прекина. – Решив да останам во ДФ на неодредено време.

–       Но, Агата, имаме толку обврски, промоции…

–       Откажи ги! , – му додаде кратко и јасно пред да ја прекине конекцијата.

 

 

Каталина го паркира својот автомобил пред полициската станица Бенито Хуарез кога го здогледа Себастијан пред капијата.

–       Имам лоши вести, Каталина. Браулио Сантос е најден мртов во својата келија пред половина час.

–       Сантос е мртов?, – шокирано повтори Каталина.

–       Според кажаното, доживеал инфаркт.

–       Инфаркт, како да не. Тој човек постави бомба среде лет над Атлантикот. Се бореше со тебе во џунглата прживеа во реката…Таквите луѓе не умираат од инфаркт. Што мислиш ти?

–       Што да мислам? Или се самоубил, или го убил некој за да не прозбори.

–       Очигледно дека го убиле – заклучи Каталина. – Но, како можеле да дознаат и да делуваат за толку кратко?

–       Најверојатно жената на Сантос ги известила за да делуваат. Во келијата утрово го посетил неговиот адвокат. Фернандо Гутијерез. Мораме да ја најдеме Перла.

–       Перла? Која е Перла?

–       Сопругата на Сантос. Следи ме малку, ок? Ќе одиме да ја најдеме Перла.

–       Ќе одиме?

–       Да, јас и ти. Не заборавај дека сум нов во градов, драга. Немам автомобил. Затоа ти ќе ме одведеш.

 

По разговорот со својата сестра во кафетеријата, Луз се врати во станот. Ја остави торбата на креветот и ја пушти говорната секретарка. Немаше пораки. Погледна во мобилниот телефон. 17:12. Цел ден немаше слушнато за Алекс. Длабоко зеде воздух и го заврте неговиот број.

–       Ало?

–       Каде си, Алекс?

–       Луз, еве, дома. Работам.

–       Ти пречам?

–       Секако дека не. Каков е тој тон? Знаеш дека цел ден мислам на тебе.

Луз се насмевна. Токму тоа сакаше да го слушне.

–       Тогаш, би можеле да се видиме денес.

–       Баш сакав истото да ти го предложам, убавице.

–       Што велиш во 20 да бидам кај тебе? Имам желба да ја запознаам твојата “темна соба“ за која многу ми зборуваше.

–       Во ред. Тогаш те чекам во осум.

Откако завршија со рагзоворот, Алекс доби нов телефонски повик.

–       Ало? Да, мисијата е успешно завршена, шефе. Браулио Сантос е мртов.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Научи ме да летам | Enseñame a Volar #055, 056

#55то продолжение                 Беше нешто по полноќ, кога лежеа голи на софата во …

Leave a Reply

error: Содржината е заштитена!