Бразилскиот феномен на ТВ 21 – од понеделник до петок
Oд понеделник во 15 часот на ТВ 21 започнува најпродаваната бразилска теленовела “Авенија Бразил” која ќе ја замени исто така бразилската “Рамо до рамо”. Серијата пред помалку од две години се емитуваше на Алфа телевизија на чија фреквенција беше укината откако беше преместувана од термин во термин, па сецкана по кратки епизоди. Од почеток до крај, со македонски титл, ќе може да ја следите од сега на 21 телевизија.
За време на нејзиното прикажување во Бразил, бележела голема популарност и на социјалните мрежи како Фејсбук и Твитер каде гледачите ги коментирале случувањата во серијата, а пак последната епизода ја гледале 80 милиони Бразилци и во тоа време улиците низ Бразил биле потполно празни. На престижните бразилски награди Prêmio Extra била номинирана во 22 категории, победила во шест. Вкупно има освоено 35 награди на различни телевизиски натпревари. Актерката Адријана Естевез која ја толкува улогата на негативката Кармиња ги доби сите пофалби од критиката, а за нејзината глума зборуваа и светски медиуми како Los Angeles Times, The Guardiana, BBC и Forbes.
Главните улоги ги толкуваат познати актери од мегахитот „Клон“.
Содржина:
Ова е приказна за малечката Рита која живее со својот татко Женесио и злобната маќеа Кармиња која го малтретира девојчето. Рита и нејзиниот татко дознаваат дека Кармиња сака да ги ограби заедно со нејзиниот љубовник Макс, но тогаш се случува голема трагедија. Женесио е прегазен на улица од фудбалерот Туфао. Пред да умре, тој му го кажува на Туфао името на сопругата и умира. Туфао чувствува грижа на совест поради тоа и решава да ја пронајде и да и помогне на вдовицата Кармиња не знаејќи за злобата на Кармиња.
Во меѓувреме, паметната Кармиња открива дека фудбалерот е виновен за смртта на својот сопруг и гледа шанса во животот за да се снајде подобро. Кармиња и Макс смислуваат опасен план кој ќе ги смени и нивните животи и животот на малото сираче Рита. Кармиња решаав да глуми наивна и тажна вдовица со што ќе го натера Туфао да се ожени со неа, и така да замине од сиромашниот кварт и да се пресели во огромна вила, плод на фудбалската кариера на новиот сопруг Туфао.
Но Кармиња и Макс решаваат да се ослободат и од девојчето Таа беше само дете, а тие беа доволно сурови за да и одземат се’. Затоа ја носат малата Рита на едно ѓубриште кое од сега ќе биде нејзиниот нов дом. На ѓубриштето во бедата и очајот, Рита го запознава малото сираче Батата со кого доживува една невина детска љубов. Но судбината сакала да ги раздели, па така Рита е посвоена од аргентинско семејство кое и го дава името Нина, а Батата е посвоен од Кармиња и Туфао и го добива името Жоржињо.
Но и Макс успева да се снајде така што се жени со сестрата на Туфао и се преселува во вилата. Кармиња раѓа едно девојче кое е плод на врската со Макс, но ги лаже Туфао и неговото семејство дека детето е на Туфао. Кармиња крие и уште една голема тајна. Батата, односно сега Жоржињо е всушност нејзин син од кого се откажала како бебе.
Поминуваат години и се менува животот на сите. Нина се враќа во Бразил со единствена цел, да и се одмазди на злобната маќеа и со тоа да ја одмазди смртта на татка си. Гневот и омразата кон маќеата се претвораат во несопирлива желба за одмазда, па така таа нема да бира начин да ги натера Кармиња и Макс да платат за тоа што го сторија. Се вработува во богатото семејство како слугинка, но Кармиња не може да ја препознае. Нина ја започнува својата игра на одмазда, но тука се вљубува во Жоржињо, не знаејќи дека тој е всушност Батата од ѓубриштето.
Дани | ТВ Пакет