Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми реагираше до ТВ Телма и ТВ 24 за погрешно категoризирани серии во нивните програмски шеми кои се емитуваат во погрешно време во денот. По извршен вонреден програмски надзор по добиена претставка и констатирано прекршување на правилата за заштита на малолетната публика, Советот на Агенцијата на ТВ Телма ѝ изрече мерка јавна опомена.
Секс сцена од серијата на Телма емитувана во прајмтајм
Имено, на програмата на ТВ Телма, играниот серијал „Животинско кралство“, е емитуван спротивно на правилата за заштита на малолетната публика, односно серијалот беше погрешно означен според категоризацијата на програмата и емитуван во несоодветен временски период – објавува АВМУ на својата официјална веб страна. Слично соопштение има и за крими италијанската серија “Прашање на чест” која се емитуваше на ТВ 24, за која исто така е извршен вонреден програмски надзор.
Притоа им се наложува на телевизиите во рок од 30 дена да го ускладат работењето согласно Правилникот за малолетни лица и одредбите од Законот за аудио и аудиовизуелни медиуми.
Она што нѝ падна во очи е дека Писмениот извештај за извршен програмски надзор врз ТВ 24 е објавен на 13 март на веб страната и врачен до телевизијата, а серијата со емитување на оваа фреквенција заврши на 5 март. Имајќи предвид дека серијата веќе не се емитува, како е можно ТВ 24 да би реагирала во рок од 30 дена и да го помести терминот на емитување на веќе завршена серија?
Истото ова се случува и со Телма. “Животинско кралство” заврши уште во февруари, а АВМУ дава јавна опомена за експлицитните сцени на 11 март и наложува во следните 30 дена да се постапи по опомената. Зошто Агенцијата не реагира навремено, знаејќи дека сериите на овие телевизии веќе неколку месеци траат, а се реагира дури по нивно завршување?
Дани | ТВ Пакет