Нова детска серија на локалните телевизии
На скопската МТМ телевизија и останатите локални телевизии ширум земјава со емитување започнува британската детска серија “Трејси Бикер”. На МТМ ќе се емитува во 10.20 часот. Се работи за програма снимена во 2002 година, која доби и две спин оф серии : “The dumping ground” и “Tracy Beaker returns”. Снимен е и филм кој ја раскажува нејзината приказна – “Tracy Beaker’s movie of me”. Забавната хумористична серија за Трејси Бикер е снимена по дело на Жаклин Вилсон, а има 120 епизоди, кои траат околу 15-20 минути.
Серијата го раскажува животот на девојчето Трејси Бикер, која уште како мала била оставена во сиропиталиште. Таа не ги познава своите родители, ниту пак знае дека поради лошата финансиска состојба во која се наоѓале, решиле да се откажат од неа. Позната е како немирно девојче, дрска која постојано запаѓа во неволји, но и доволно самоуверена и праведна. Таа си замислува дека нејзината мајка е некоја филмска ѕвезда која наскоро ќе се појави и ќе ја земе кај неа, а единствен кој ја разбира е нејзиниот другар Бен, кој со своето семејство живее близу сиропиталиштето.
Покрај Трејси во домот се запознаваме и со браќата Лол и Баунсер, милата и добра Луис, ривалката на Трејси – Џастин, бандата Велардови, видовитата Алис, немата Мили и други. Покрај ликовите на децата кои живеат во Домот, тука се и управителката, социјалната работничка, вработените во Домот и други.
По неколку неуспешни обиди за згрижување, конечно Трејси ќе биде усвоена од писателката Кем Лосон, со која го поминува остатокот од животот.
Дани | ТВ Пакет