Во Лисабон оваа година, ќе пејат Eye Cue за Македонија
На 10-ти февруари во просториите на МТВ се одржа селекција на пристигнатите песни по распишаниот јавен повик за: Песна којашто ќе ја претставува Македонија на Евровизија, Лисабон 2018 година.
Од пристигнатите 382 композиции на меѓународниот повик за Избор на песна за Евровизија, комисијата по пат на елиминација во три круга, на крајот селектираше 12 композиции.
Секоја од композициите во последниот круг од страна на комисијата беше рангирана и бодувана според евровизискиот принцип на гласање.
По пребројувањето на гласовите, комисијата одлучи дека песната „Lost and found“ на авторот на музика и текст Бојан Трајковски и во аранжман на продуцентот Дарко Димитров, има убедливо најголем број гласови.
По повторното преслушување, комисијата според правилата, едногласно заклучи дека: одбраната композиција на евровизиската сцена, најдобро ќе ја донесе групата „Еye Cue“ којашто е матична група на авторот со вокалистката Марија Ивановска.
Комисијата е едногласна во ставот дека: одбраната композицијата има современ звук, впечатлив рефрен и текст, извонредни и оригинални вокални способности на изведувачот, што секако нуди и можност за квалитетен евровизиски пакет и достојно претставување на МРТ и Македонија на оваа престижна музичка манифестација во организација на ЕБУ.
ТВ Пакет со срдечни честитки за одличниот избор на Македонската телевизија. Квалитетот пред сѐ.
Дани | ТВ Пакет