Промени на 27-то издание на „Макфест“
За прв пат после 27 години опстојување на најпрестижниот музички фестивал во Македонија, Макфест, оваа година се забележани промени во манифестацијата на која позитивно реагираат и изведувачите и публиката. Два месеци пред одржувањето на фестивалот на радио станиците низ Македонија се емитуваат рефрените од песните со цел публиката да стекне подобар впечаток за претстојното издание на Макфест и делумно да си одбере свој фаворит за кој ќе гласа за време на фестивалот, што е концепт и на други музички настани во државава, како што е на пример Евровизија.
Друга промена на која позитивно реагираат гостите кои доаѓаат од екс ЈУ просторите (Србија, Хрватска) е тоа што оваа година тие ќе можат да пеат на својот мајчин јазик, што не беше случај во минатите 26 изданија на фестивалот.
– Одлуката оваа година гостите од поранешна Југославија да пеат на свој јазик позитивно беше прифатена не само од странските туку и од домашните изведувачи, затоа што им отворивме можност за нови соработки со колегите од соседството, кои поради тоа што на Макфест се пее во живо, ќе можат да бидат конценрирани на изведбата, а не на дикцијата и слично – изјавува уметничкиот директор на фестивалот Роберт Саздов.
Поголемо присуство на женски вокали на овогодишното издание на Макфест е уште една промена која ќе биде атрактивна за гледачите пред ТВ екраните и за присутните во салата „Ацо Шопов“ во Штип, а неколкуте дуети и оваа година ќе бидат составен дел од музичката програма на фестивалот.
За прв пат оваа година финалето на Макфест ќе се одржи во недела, што не беше случај до сега, со што, според уметничкиот директор, ТВ преносот од најважната вечер на фестивалот ќе биде гледан неколку пати повеќе. Оваа година Макфест ќе се одржи на 12-ти, 13-ти и 14-ти октомври, а домаќин како и претходните 26 изданија е градот Штип.
Chris | ТВ Пакет