Естер ги заврза уздите на својот коњ пред колибата на Енцо. Со часови сакаше да разговара со него. Едно прашање ја јадеше целиот ден и мораше да го знае одговорот.
Енцо излезе од внатре кога слушна дека некој доаѓа. Сонцето заоѓаше зад нејзините црни коси, а месечината го најавуваше своето раѓање од спротива.
ОДМАЗДА
љубов и смртна казна
Продолжение 97 – „Чудо на Темпестад“
Естер ги заврза уздите на својот коњ пред колибата на Енцо. Со часови сакаше да разговара со него. Едно прашање ја јадеше целиот ден и мораше да го знае одговорот.
Енцо излезе од внатре кога слушна дека некој доаѓа. Сонцето заоѓаше зад нејзините црни коси, а месечината го најавуваше своето раѓање од спротива.
– Естер…
– Цел ден сакав да те прашам нешто. Не можев да чекам до изутрина. Енцо, те молам да бидеш искрен со мене.
– Што било, Естер?
– Дали кога…Кога беше интимен со мојата ќерка…поточно со Акасија…дали знаеше дека е Елиса?
– Секако дека не, Естер, – одговори тој најбрзо што можеше. Не сакаше да и влева нови сомнежи на саканата. – Никогаш не знаев дека Акасија и Елиса се иста личност, мораш да ми веруваш те молам.
Таа широко се насмевна. Се нафрли на неговите гради, покривајки ја неговата половина со своите раце.
– Ти верувам, – прошепоте со олеснување.
– Погледни ме, Естер, – рече тој, ставајки ги своите раце на нејзиното бело лице. – Од денот кога те запознав, јас немам очи за друга жена.
Очите и се насолзија. Понекогаш се прашуваше со што ја заслужува неговата љубов и добрина.
– Зарем не мислиш дека е време да заминеш од оваа проклета земја, Естер?
– Енцо…
– Не ме прекинувај, те молам. Ги знам твоите стравови. Но, твоите деца се возрасни луѓе со свои животи. Немој да ја жртвувавш својата среќа живеејки во несреќа. Те молам, Естер. Размисли.
Таа не одговори ништо, само му врати со страсен бакнеж. Нивната отворена љубов беше набљудувана од Антенор од страна. Стоеше зад еден даб и шокирано гледаше како Енцо се љуби со жената на господарот.
Луис Анжел немаше намера да ја таи вистината. По исповеста на Елиса, веднаш го посети Фаусто во неговата просторија и го извести за болната вистина, дека неговиот почитуван татко дон Ињаки Кастењон ја силувал својата малолетна внука пред многу години.
– Што рече?, – повтори Фаусто со раширени зеници. Беше како ѓаволот да го опседнал.
– Жалам, можам да замислам колку сето ова e болно за Вас…Но, Елиса не лаже. Вашиот татко ја направил своја кога била дете. Ја силувал и ја зел невиноста. Сигурен сум дека тоа е причината што Елиса подоцна не марела со кого ќе легне.
– Не е можно. Никој не можел да ја повреди мојата ќерка, најмалку мојот татко, – негираше Фаусто не можејки да ја прифати вистината.
– Морате да и верувате, дон Фаусто. Елиса не лаже. Нема потреба.
– Мојот татко беше безгрешен човек, – извика Фаусто, грабнувајки го младиот лекар за јаката. – Никогаш не би ја допрел мојата ќерка.
– Но, го сторил тоа, дон Фаусто.
– Никогаш повеќе да не си го повторил ова што сега ми го кажа. Ако го повториш, ќе те убијам со сопствени раце, неблагодарнику! Излегувај одовде, ѓубре!
Фаусто не гледаше каде оди. Излезе од работната соба, треснувајки ја вратата зад себе. Одеше како лав низ коридорите. Бесен, со тешки чекори, полн со горчина…
Ја отвори вратата каде што со суви солзи на лицето лежеше неговата ќерка.
– Како можеш да кажеш нешто толку подло, Елиса? Докторот ти ја наполнил главата со лудости и лаги.
– Не…, – Елиса трепереше како лист на ветер. – Луис Анжел е единствениот на кој се осмелив да му ја отворам душата, да му ја признаам вистината…
– Мојот татко, твојот дедо беше добар човек. Никогаш не би те допрел, Елиса.
– Би сакал да беше така, татко, но не е…Дедо беше зол човек…ме силуваше…
– Лажеш!
– Ме силуваше и ме натера да се заколнам дека нема никому да кажам. Живеев во страв додека тој беше жив. Не знаеш колку ми олесна кога умре, кога го закопавме…
– Ти не си моја ќерка! Демонот зборува од тебе! Ти си обична курва која спиела со пола село и сега бара изговор за гревот! Но, знаеш што, Елиса? Нема прoшка за тој голем грев. Ќе гориш во пеколот со Алисиња и Крситина кои беа курви како тебе.
– Не…
– Да не беше моја ќерка досега ќе беше мртва, – изговори тој со црвени очи. – Нема да дозволам никој да го обесчести името на мојот татко!
Се наоколу ја потсетуваше на нејзината ќерка. Не постоеше дел на фазендата кој не и ги враќаше сеќавањата од Алис на Лукреција, која сатенските кошули, бисерите и гламурот го замени за црни алишта кои ја отсликуваа нејзината душа. Го здогледа автомобилот пред куќата и се сети колку Алис сакаше да го вози ролсот. Го купија по нејзина желба од Париз, во беж боја. Го доведоа на брод преку Атлантикот. Алис беше горда што е реткост за жена која знае да вози.
– Ќерко моја, – липташе на глас, прегрнувајки ја хаубата, како да се работеше за личност. Потоа ја отвори вратата од возилото и седна на удобното меко седиште. Со врвот на раката минуваше по ретровизорот, воланот, кумплугот…
“И јас сакам да бидам среќна“, – и рече еднаш Алис во доверба. „- И јас сакам да најдам некој што ќе ме сака.„
Анибал ја забележа својата тетка како во агонија и грчеви ја оплакува непрежалената ќерка. Пријде до возилото, ја отвори сувозачката врата и седна до жената која му ја параше душата со своите солзи.
– Лукреција, – го изговори нејзиното име, земајки и ја раката.
– Анибал…ме боли…не можам да живеам без неа, не можам…
– Смири се, – ја тешеше во својата прегратка. – Смири се…
– Не можам. Ќерко…ќерко…
Естер немаше волја за појадок тоа утро. Без Елиса на трпезата, ниту таа не можеше да појадува. Стана од трпезата, ја наполни чинијата со храна и се упати по коридорот кој водеше до одајата каде што беше затворена Елиса. Кога Елиса ја здогледа својата мајка, и потрча во прегратка како што тоа го правеше кога беше мала и незаштитена.
– Ќерко.
– Не знаеш колку се срамам, мамо.
– Смири се. Нема потреба да се срамиш од мене.
– Сакам да ми простиш што бев лоша со тебе…
– Јас немам што да ти простам, ќерко, – рече Естер, милувајки ја за косата. – Сите ние грешиме во животот, особено на тие години.
– Сакам да ми простиш за тоа што Ви стоев на патот со Енцо.
– Не сакам да зборувам сега за тоа, мила, – покорно рече Естер. Не и беше пријатно да зборува со својата ќерка за својот љубовник.
– Мамо. Што ќе биде со мене?, – праша Елиса по кратка пауза.
– Се молам за да дозволи татко ти да одиш во Рио со Луис Анжел. Тоа е најдоброто за тебе. Да ја смениш оваа средина, да бидеш со човекот кој те љуби.
– Да, но татко никогаш нема да ми дозволи. Уште помалку сега кога му кажав за дедо.
– За дедо ти?, – се изненади Естер. – Што сакаш да кажеш, ќерко?
Антенор слезе од својот коњ пред шталата каде што Фаусто тимареше едно животно. Или барем се обидуваш, бидејки откако Антенор замина ниту еден работник не знаеше добро да ја работи задачата како верниот надзорник.
– Дон Фаусто, – го поздрави Антенор, вадејки ја шапката.
– Конечно реши да се вратиш, проклето куче?
– Дојдов…дојдов да Ви кажам нешто, дон Фаусто.
– Што?
– Дека вашиот татко го уби Роберто Анџели пред многу години, – најпосле изговори Антенор. – Јас видов…Бев дете но се сеќавам како да беше вчера…Видов кога дон Ињаки го уби Роберто Анџели!
Првата реакција на Фаусто беше импусливна. Наместо зборови му замавна силна тупаница на надзорникот, раскрварувајки му ја устата.
– Повлечи ги зборовите, прколето куче!
– Ја зборувам вистината…
– Кажи ми што си видел!, – извика Фаусто, грабнувајки го надзорникот за кошулата.
– Тоа што ви го кажав, дон. Вашиот татко го уби Роберто Анџели и јас бев сведок.
– Ако било така тоа значи дека тој бедник му сторил нешто на мојот татко.
– Не знам што било точно…Дон Ињаки зборуваше за некое ветување кое Роберто Анџели не сакаше да го исполни.
– Какво ветување?
– Не знам, не го слушнав тој дел од рагзоворот.
– Мојот татко не делеше ништо со тој беден италијанец. Роберто Анџели беше само еден пеон на фазедната. Сигурно го фатил како краде или нешто слично…мојот татко беше праведен со вработените. Затоа зашиј си ја устата, Антенор! Ни збор повеќе за тоа дека мојот татко го убил бедникот Роберто Анџели! Ако прозбориш, онаа која ќе ги сноси последиците ќе биде твојата ќерка! Дали сум јасен?
Фаусто Кастењон го мина денот јавајки низ имотот, размислуваше за се. За зборовите на Антенор, за обвинувањата на Елиса. Беше преголема коенциденција. Беше приквечерина кога дојава на својот коњ пред колибата не Енцо кој внесуваше цепени дрва во кујната. Почна благо да паѓа дожд а водата брзо се претвораше во кал.
– Што сакаш сега, Фаусто?
– Успеа да се зборува лошо за мојот татко, – со пригушлив тон одговори Фаусто слегувајки од животното.
– Јас само знам дека твојот татко, ладнокрвно го убил мојот.
– Антенор лаже…
– Сигурно го убил за да не се дознае дека сме браќа, – продолжи Енцо, барајки ја причината за грозноморното убиство пред многу години.
– Ти не си ми брат! Никогаш не се докажа тоа!
– Не бери гајле, Фаусто, никогаш не сум те гледал ниту ќе те гледам како брат. Но, биди сигурен дека ќе дознаам зошто твојот татко го убил мојот.
– Тоа ќе видиме. Не си ја барај бељата, Енцо. Малку ми фали за да бидеш мртов.
Денови подоцна…
Денот на венчавката на Елиса беше свеж и празничен ден. Доаѓаше пролет а слабиот ветар ги нишаше крошните на дрвјата и по пампата ги ширеше опојните мириси на пролетта таа 1920 – та година.
Бискупот Виченцио, кој со години беше семеен исповедник, дојде од Темпестад за да ја означи светата врска помеѓу најмладата ќерка на Фаусто Кастењон и нејзиниот млад избраник.
Фазендата Темпестад беше свечено украсена тоа утро. Иако имаа малку денови за организирање, сепак се беше подготвено до најситен детал. Слугинките Деуза и Зулмира го китеа олтарот од бело дрво со полски цвеќиња. Пред куќата беа постелени маси прекриени со бели чаршафи.
Со солзи во очите, Естер гледаше во својата ќерка невеста која блескаше како ангел во белата венчаница, увезена со воз директно од Рио.
– Дали си среќна, ќерко?
– Ќе бев посреќна ако мојот брак беше поради друга причина.
– Најважното од се е што Луис Анжел неизмерно те љуби.
– И јас него, – одговори Елиса, развелкувајки низа бели заби на својата насмевка.
Естер ја зеде цврсто во прегратка својата ќерка. На крајот беше задоволна што нештата си дојдоа во свој ред. Елиса си најде човек кој ја третираше и сакаше како што заслужува. Солзи радосници и го размачкаа креонот околу очите.
Луис Анжел Бара гледаше во својата невеста со зажарен поглед, смешкајки и се, додека нејзинот татко ја носеше кон олтарот во малата капела на Темпестад. Свештеникот ги држеше испружени рацете над нивните глави благословувајки ја новата заедница. Елиса беше свежа, со своите деветнаесет години, со темната коса украсена со бели цветови и долгиот превез кој преку рамениците и паѓаше до земјата.
Елиса гледаше во својот вереник со блескавост во своите црни очи.
– Овде се собравме за да го прославиме Светиот брак помеѓу Луис Анжел Бара и Елиса Марија Кастењон. Луис Анжел, дали ја земаш Елиса за сопруга и се колнеш дека ќе ја љубиш, почитуваш и штитиш додека смртта не Ве раздели?
– Да, татко, прифаќам, – со пулна плуќа одговори младоженецот.
– Елиса, дали го земаш за сопруг Луис Анжел и се колнеш дека ќе го љубиш, почитуваш и штитиш додека смртта не Ве раздели?
– Да, го прифаќам.
Елиса погледна во својот татко кој стоеше близу неа. До него, солзи течеа по убавото мајчино лице. Погледна во својата тетка која и прати бакнеж од далеку. Повторно го врати погледот кон свештеникот кој одвај чекаше да ја заврши проповедта, бидејки веруваше дека ќе се онесвести од жештината во капелата. Погледна во својот сопруг и си помсили колку убави деца ќе му роди на тој човек.
Одеднаш, мирот во капелата го прекина еден крик. Фаусто стоеше како закован на место гледајки во една точка пред себе.
– Боже…Христос плаче…, – сподели гласно.
Погледите на сите присутни се најдоа на Распетието на Хрситсос пред олтарот. Под левото око Христос течеше крвава солза.
– Дон Фаусто, што е ова?, – праша бискупот.
– Зарем и Вие гледате, оче?, – Фаусто за миг помисли дека е уште една негова халуцинација, како кога го гледаше својот покоен татко. Но, не. Ова беше реланост. Беше чудо. И сите можеа да видат. Христос плачеше. Крвава солза.
Погледна кон сите присутни. Тука беше целата негова поблиска фамилија. Негоавта сопруга, синовите, Лукреција…ги погледна со презир.
– Прељубници!, – извика. – Неверници! Грешници! Господ плаче за секој Ваш грев! Вие сте зло кое треба да биде линчувано еднаш засекогаш! Моја мисија е да ви го покажам патот кон Господ еднаш засекогаш. Ова е знакот, – покажа со растреперена рака кон распетието. Христос навистина плачеше.
***
ОДМАЗДА
љубов и смртна казна
Продолжение 98 – „Љубов и смртна казна“
Ноќта се спушти над Темпестад, а со тоа заврши и свадбената церемонија. Слугинките почнаа да ги чистат чиниите од остатоците со месо, салати и ориз. Нескротливите деца трчаа по бавчата газејки по цвеќињата.
Анибал пријде до својата мајка која замислено стоеше покрај пијаното во дневната соба. Ја помилува нејзината рака и ја бакна во образ. Таа благо се насмевна, но сепак остана загриженоста во нејзините очи.
– Анибал, што мислиш ти, од твоја гледна точка, зошто Исус плачеше?
– Таквите феномени никогаш немаат логично објаснување, мајко.
– Но ти студираше теологија, тоа е сигурно знак за нешто, синко.
Тој не сакаше да и одговори. Не сакаше повеќе да ја вознемирува. Како да и каже дека крвавата солза на Распетието значи смрт?
Собарките ја имаа до секој детал подготвена собата за младенците. Луис Анжел ја држеше својата сопруга околу половината, не можејки да го симне погледот од нејзините убави очи. Елиса беше преубава во белата венчаница, со плетенките во црната коса и чипката во деколтето кое и ја откриваше меката, бела кожа. И таа не можеше да му се изнагледа. Беше отмен, висок, елегантен, со живи очи и сензуални усни.
– Дали си среќна, госпоѓо Бара?
Целото негово лице блескаше од среќа.
– Пресреќна, – одговори таа низ насмевка. – Помина долго време како што не сум била толку среќна.
Ја почуствува неговата рака како го слекува патентот од нејзиниот корсет. Набрзо целата тешка венчаница се најде на дрвениот под од собата. Ја љубеше страсно како ниту еден маж претходно. Ја подигна во своите цврсти раце и ја одведе на креветот. Таа му ја раскопча кошулата и со врелите нацрвени усни помина по неговите гради, брадавиците, пупакот…тој ја зеде под своето црврсто тело љубејки ја се пострасно. Ја љубеше од градите, преку стомакот, препоните, се до колената кога застана за момент.
– Што ти е, зошто ме гледаш така? – го праша младата жена.
– Од кога го имаш ова овде?, – ја праша покажувајки на нејзината десна нога, каде што кај натколеницата имаше црвена рана, речиси свежа која и ја грубеше кожата.
– Не знам, – збунето одговори. Никогаш претходно ја немаше видено таа лузна. – Лошо е?
– Ќе треба да те прегледам, – и одговори тој иако многу добро знаеше што е.
Рикардо се истегна на креветот во својата соба. Денот беше долг и чуствуваше како стапалата му пулсираат. Одвај чекаше да ги слече чевлите и да ги стави нозете во солена вода. Слушна дека некој друг по него влезе во собата, но не ја ни подигна главата, мислејки дека е неговиот брат.
– Рикардо, морам да зборувам со тебе, – гласот на Луис Анжел беше сериозен.
– Сигурно ни си ја погрешил собата?, – Рикардо се пошегува со својот пријател.
– Се работи за твојата сестра.
– Не сум расположен да слушам за вашата брачна ноќ, Луис Анжел.
– Сериозно е ова што сакам да ти го кажам.
Рикардо во тој момент ја сфати сериозноста на разговорот.
– За што се работи?
– Не сакам Елиса да знае сеуште…Но за жал твојата сестра страда од смртна болест.
Рикардо широко ги отвори зениците.
Седум дена подоцна, стигнаа тестовите од лабораторијата откако Луис Анжел испрати брис од раната на Елиса. За жал, тестовите само ги потврдија сомнежите на младиот лекар. Неговата сопруга боледуваше од сифилис.
Елиса панично ја прими вестта.
– Не е можно! Сигурно грешиш.
– За жал не грешам, Елиса. Тестовите ми потврдија. Жалам.
– Дали…дали ќе умрам?, – практично без здив праша девојката.
– Мислам дека има надеж, љубов моја. За среќа навреме е откриена болеста, ќе имаме време да ја лекуваме.
– Што ќе правам сега? Како ќе му кажам на татко?
– Смири се, Елиса, јас ќе им објаснам на твоите…
– Не! Најдобро е да не им кажуваме ништо. Ниту на татко ниту на моите браќа.
– Елиса, мораш да се смириш, – ја посоветува Луис Анжел, земајки ја нејзината рака која трепереше. – Прво мораш да ја прифатиш болеста за да бидеш силна за време на терапијата. Сега е најважно да бидеме заедно. Постојано ќе ја имаш мојата подршка. Заедно ќе го минеме тој тежок пат, љубов моја, ти се колнам.
Три дена подоцна, Луис Анжел и Елиса заминаа од фазендата. Луис Анжел договри третман за својата сопруга во една приватна болница близу Нитерој.
Елиса чекаше да заминат седејки во трпезаријата. Торбите и куферите веќе беа подготвени и стоеа на верандата. Естер ги избриша солзите пред да излезе од својата соба. Не сакаше нејзината ќерка да види колку навистина и е тешко, колку веќе страда во себе прашувајки се секојдневно до каде просперирала болеста и дали има напредок во лечењето. Луис Анжел и даде писмо на Естер пред да змине. Ја замоли да не го отвара додека не се качат во возот за Рио. Естер така и направи.
Заминаа тоа попладне, под млакото мајско сонце. Елиса мафташе од кочијата. Естер беше потпрена на својот син Анибал за да не се онесвести. Беше слаба.
Возот веќе ги сечеше шините низ пејсажните делови на Минас Жеријас, кога неутешната мајка набрзина го отвори писмото од својот зет.
– “Драга госпоѓо, Естер. Не можев да заминам без да Ви ја кажам вистината. Вашата ќерка Елиса не боледува од неизлечива болест како што направив сите да мислите. Кога стигнаа резултатите од биопсијата, се уверив дека Елиса е добро. Раната на нејзината нога е само дел од инфекција која лесно се лекува. Размислував со денови и сфатив дека само на ваков начин можам да ја тргнам Елиса од фазендата. Далеку од злото на дон Фаусто. Елиса никогаш не била среќна на тоа место. Би била среќна само далеку од својот татко, затоа и го правам ова. Се надевам дека ќе наидам на разбирање кај Вас. Можете да ја посетите во било кое време во Рио, вратите од нашиот дом секогаш ќе бидат отворени за Вас, но остатокот од фамилијата многу наскоро ќе добие вест дека Елиса е мртва. Вие и јас ќе бидеме единствените кои ќе ја знаат вистината.
ПС
Елиса знае.
Со должна почит,
Луис Анжел Бара.„
На верандата, Естер се смееше со очи влажни од солзи. Сонцето полека заоѓаше. На хоризонтот, облаците најавуваа дождлива ноќ.
Моналиса погледна низ прозорецот на сивото утро и телото и се наежи. Небето беше темно, а дождот лееше како да му е последно. Заебележа дека некој доаѓа до колибата. Целиот покиснат од својот пастув слезе Рикардо и потрча кон настрешницата пред вратата за да се заштити од невремето. Кога Моналиса му отвори, од под мантилот за дожд извади една бела роза, свежно набрана од градината.
– За тебе, – и ја подаде.
– Благодарам, – резервно му одговори таа.
– Моналиса, сеуште си ми лута поради она што се случи?, – ја праша отворено.
– Извини, Рикардо , но имам еден куп работа пред да дојдат мајка и вујко.
– Не сакам да бидеш таква со мене Моналиса. Не сфаќаш ли колку те љубам?
– Ме љубиш? Ме љубиш, Рикардо? Како? Бидејки освен зборови не видов никаков доказ. Каде беше твојата љубов кога дон Фаусто ме натера на абортус, кога го уби детето во мојата утроба, нашето дете?
– Не ми зборувај така, Моналиса. Знаеш дека срцето ми се кине. Дојди со мене.
– Каде?
– На едно место во близина. Сакам да те бакнувам и љубам без никој да не не види.
– По ова невреме? Не благодарам, ќе останам дома.
– Те молам не одбивај ме.
Дождот паѓаше без престан, но тоа не го спречуваше Фаусто Кастењон да ги собере своите пеони. Беше решен во намерата да го најде остатокот од златото на земјата и ништо не можеше да го спречи во таа намера.
– Ќе работите и ден и ноќ се додека не се најде тоа злато!, – им нареди додека грмотевици се слушаа од околу.
– Зарем по ова невреме, дон Фаусто?, – праша едниот.
– Да. Но, тоа не е се. Доведов специјален тим од Бело Хоризонте кој утрово поставија динамит на ридот. За некое време, динамитот ќе експлодира а со тоа ќе ви биде олеснат пристапот кон непогодните места за копање. Дали сум јасен?
– Сигурни ли сте дека тоа е добра идеја, дон Фаусто?, – праша Амадео, еден од пеоните. – Не е убаво кога се оди против природата…
– Зачувај си ја својата ефтина филозофија за себе, Амадео. Како што реков динамитот ќе биде активиран за неполн час. Очекувам да видам злато додека сонцето зајде, дали сум јасен!?
Го врзаа пастувот за еден багрем и со фенер во едната рака, а држејки ја Моналиса со другата, Рикардо ја внесе во една пештера близу реката.
– Ова е местото кое сакав да ти го покажам, – и рече.
– Студено е, а и местово е мрачно.
– Затоа донесов фенер, Моналиса.
– Не, – рече таа правејки чекор наназад. – Сакам да си одам одовде.
– Биди мирна, Моналиса. Зарем немаш доверба во мене?, – ја праша гледајки ја во очи.
Повторно и ја подаде својата рака. Дланката му беше мека како сомот. Постоеа само тие двајца тука во овие камени ѕидини. Ја бакна страсно и таа лесно му се предаде. Сфати дека тоа момче и значи повеќе од се на светот. Ништо друго немаше значење освен тој момент на нежност.
Држејки ја за рака, ја понесе уште подлабоко во пештерата. Воздухот стануваше се повлажен.
Застанаа на едно место каде што природата не знаела за доста кога ги формирала тие внатрешни убавини. Таа се насмевна гледајки во неговите живи очи. Ја почуствува неговата топла рака на својата половина како и го раскопчува корсетот. Фустанот лизна по нејзиното тело и се најде на земја. Полека ја слече и долната облека од себе. Гола стоеше пред момчето кое го љубеше. Рикардо ја принесе блзизу своето тело, додека ги слекуваше панталоните од себе.
Девојката чуствуваше како и гори телото прилепено за кожата на саканиот.
– Мислам дека никогаш нема да љубам друга како тебе, – го слушна неговиот шепот кој и го исполни срцето. Уште од мала сонуваше за тие зборови. Уште кога како клинка трчаше босонога по пампата играјки си со него. За неа, уште тогаш тој беше единствениот на светот.
Детонаторот им даде знак на Фаусто и неговите луѓе дека е време да се активира димнмиотот. Фаусто им даде знак на пеоните да ги затскријат своите глави и да се сокријат зад карпите. Ги затворија своите уши од силната бука. Динамитот ја потресе земјата на која стоеа.
– Што беше тоа?, – исплашено крикна Моналиса.
– Мирна, – извика Рикардо, штитејки ја со своето тело.
Карпите и земјата почнаа да паѓаат врз нивните глави. Ја зеде за рака и потрчаа кон излезот кој беше далеку. Босоноги трчаа кон светлината колку што можеа, додека пештерата се рушеше околу нив. Им остана само уште малку…многу малку.
Денот полека згаснуваше а ни трага од златото кое требаше да се најде. Фаусто полека ја губеше вербата. Се врати на фазендата покиснат од дождот, валкан од калта. На тремот го пречека Естер. Потрча до својот сопруг со плетен шал преку рамениците.
– Фаусто, зарем Рикардо не е со тебе?
– Не, жено. Цел ден не сум го видел.
Откако Естер го извести дека го нема ни дома цел ден, Фаусто ги повлече уздите на коњот. Постоеше само едно место каде што можеше да биде.
Без најава влезе во колибата на Енцо, каде што Марија Грација лупеше компир за вечера, а Антенор го ложеше огништето.
– Каде е мојот син?, – ги праша.
– За што зборувате, газда?, – праша Антенор.
– Не ми се прави луд, беднику и одговори ми каде е Рикардо?
За миг силните раце на Господарот се најдоа на вратот на надзорникот.
– Знам дека е со твојата ќерка. Каде е Моналиса?
– Не знаеме ништо за неа, газда, не сме ја виделе цело утро, – одговори Марија Грација, бришејки ги влажните раце од кецелата.
– Зборувам со твојот маж, не со тебе!
– Навистина не знам каде би можел да биде господинот Рикардо, газда, се колнам.
Фаусто ги пушти рацете од вратот на поранешниот надзорник.
– Проклети!, – со тупаница удри по масата.- Сигурно побегнале заедно!
Потрагата по двајцата траеше цела ноќ. На смени, пеоните ги бараа двајцата околу пампата, кај реката, кај садниците, но ни трага од Моналиса и Рикардо. Двете фамилии и Катењони и Анџели минаа неспана ноќ. Мажите ги бараа децата по невремето, додека жените се молеа пред кандилата. Енцо и Антенор беа првите кои наидоа на трага. Мртвиот коњ кој му припаѓаше на Рикардо го најдоа затрупан близу еден бршлен пред да се роди зората.
– Моналиса!, – на сиот глас викаше нејзиниот татко.
– Се плашам дека Моналиса и Рикардо…се затрупани внатре, – во страв и очај изјави Енцо, гледајки во очите на својот зет. Беше прв пат кога го виде Антенор со насолзени очи.
Утрото полека се раѓаше. Слугинките на Темпестад ги послужија со кафе своите господари кои седеа во молк во салонот на фазендата.
– Треба да продолжиме да ги бараме, – рече Анибал кој не го држеше место.
– Штом не се најдени до сега, тоа значи само едно, – додаде Фаусто. – Дека пребегале заедно. Твојот брат не предал, Анибал! Побегнал со таа ороспија!
– Ако Рикардо побегнал со Моналиса, не значи дека некого предал, – се замеше Лукреција, замјаки ја шољата со кафе од слугинката.
– Ве молам, не е време за расправија, – ги прекори Естер.
Повторно молк. Естер седеше на двоседот гледајки во една точка. Фаусто запали нова цигара. Анибал шеташе лево-десно. Беше најдолгата ноќ во нивните животи. Одеднаш се слушнаа нечии чекори по дрвениот под. Во салонот дотрча Марија Грација, бледа, без капка крв на себе, облеана во солзи.
– Што е, Марија Грација? Ги најдоа ли нашите деца?, – праша Естер во еден здив.
– Ги најдоа, госпоѓо…Ги најдоа заедно…мртви.
Двете мајки стоееа задно една пред друг со крвави очи.
На Анибал му испадна шољата со кафе од рацете.
Естер го прикри лицето со двете раце и на колена падна на подот, липајки гласно и болно. Плачот на очајната мајка одекна низ целата фазенда. Лукреција се задржа на пијаното за да не падне. Немаше сила.
Плачот на Естер го параше срцето на присутните. Марија Грација и пријде и цврсто ја прегрна. Си ги топеа лицата една на друга мешајки ги солзите.
– Анибал, одведи ја мајка ти во својата соба, – Фаусто му нареди на својот постар син со грутка во грлото.
Додека Анибал ја земаше својата скршена мајка во своите раце, во салонот влезе и Антенор. Покорниот и верен слуга никогаш во животот немаше влезено во домот на Господарот без најава. Ова беше прв пат. Очите му беа црвени од солзи. Се нафрли врз Фаусто замавнувајки му силна тупаница.
– Ја уби мојата ќерка, ѓаволе!
Фаусто полека стана од подот. Посегна по обесената пушка на ѕидот и ја впери кон надзорникот наредувајки му да го напушти неговиот дом.
– Не одам никаде! Повеќе не се плашам од тебе, проклетнику! Убиј ме! Што ќе ми е живот без мојата ќерка? Без мојата единствена ќерка. Со години гледав како ја малтретираш мојата жена, а потоа и мојата ќерка…Молчев и страдав во себе, но не повеќе, Фаусто Кастењон!
– Како се осмелуваш вака да ми се обраќаш? Јас сум ти газда и должен си да ме почитуваш! Ти ми припаѓаш!
– Не! Доволно беа понижувања, Фаусто! Ние не сме робови за така да не третираш! И ние сме луѓе од крв и месо како тебе и твојата фамилија!
– Страдаш за твојата покојна ќерка? Тогаш оди и ти со неа!
Без миг размислување, Фаусто го повлече чкрапалото и еден куршум се најде во градите на Антенор. Верниот надзорник обилно крварејки падна на подот. Шокираната фамилија гледаше во Фаусто. Марија Грација притрча до својот сопруг.
– Зошто го стори тоа?, – го праша господарот кој како авет стоеше над нив.
– Твојот маж е виновен. Ова е лекција дека никој не смее да не го почитува Господарот.
– Викнете доктор, ве молам, – загушливо плачеше жената.
– Оваа куќа повеќе нема доктор, Марија Грација, – студено и одговори Фаусто. – Додека да дојде лекарот од селото, твојот маж веќе ќе биде мртов човек, – фригидно продолжи и излезе од салонот.
– Синко, – крикна Естер гледајки во Анибал.. – Трчај, трчај по доктор Билбао во селото.
– Јас ќе појдам со тебе, – се надоврза Лукреција. – Ќе одиме со возилото.
Кога Лукреција и Анибал излегоа од салонот, Естер потрча во кујната по завои за да го спречи обилното крварење. Во салонот на фазендата останаа само Марија Грација и нејзиниот маж.
– Марија…Марија Грација…
– Биди мирен, нема да дозволам и ти да умреш…
– Марија Грација, жено моја…Не плачи ќе бидам добро. Дозволи ми да те видам убаво…, – со последни сили ја трга косата од нејзиното лице. – Секогаш беше најубавата жена на земјата, Марија…
– Издржи, те молам издржи, Антенор…Господинот Анибал отиде по лекар.
– Прости ми…
– Немам што да ти простам. Немаш сторено ништо лошо…смири се..
– Марија…Моја убава Марија…Ни го зедоа најголемото богатство…нашата ќерка. Не вреди да живеам без неа. Те молам вети ми дека ќе побегнеш од оваа земја… Оди далеку, далеку од злото на Господарот…
– Ќе побегнеме заедно, Антенор, ти ветувам…не ме оставај сама. Ќе побегнеме заедно и ќе живееме среќни далеку одовде.
– Ти си добра жена, – говореше со последни сили. – Те молам оди си одовде…Не сакам Газдата да те повредува уште…Доволно страдаше.
– Ќе си одиме заедно. Ти си мој сопруг, – со своите солзи Марија Грација го чистеше неговото лице, додека нејзината кошула беше измачкана со крвта која течеше од неговите гради. – Ти си ми пријател…Те сакам, Антенор.
Нејзините зборови предизвикаа блага насмевка кај него. Нејзиниот глас беше најубавата мелодија која можеше да посака да ја слушне во тие последни мигови. Таа му ја подигна брадата и му го дари последниот бакнеж пред тој да го испушти последниот здив на животот.
Јовица Крстевски | ТВ Пакет