#1во продолжение
Секој училишен распуст го минуваа на пространиот имот во Колима. За браќата Себастијан и Мануел, летото беше период на попладневни трчања по високите треви на отворено поле, јавање пони, летање змаеви и гледање како истите исчезнуваат кон хоризонтот на небото.
Себастијан и Мануел Ламас останаа сираци од мајка кога Себастијан имаше три години, а Мануел беше новороденче.
Марија Клара Ламас почина од проблеми со срцето при самото пораѓање.
Хациендата Ла Лома, беше прибежиште за фамилијата со децении. Фамилијата Ламас, сопствениците на најголемата авиоиндустрија во земјата ги минуваа сите празници и одмори на тие ридови на Колима, каде што воздухот беше секогаш свеж и чист, каде што пеперутките летаа по полињата со лаванда, каде што ветрот ги дуваше глуварчињата по полињата во недоглед.
На своите шеснаесет години Себастијан Ламас беше високо момче. Имаше густа, кадрава коса и длабок продирен поглед. Беше зрел и начитан за своите години.
Негвиот помлад брат беше средно висок, со светли очи кои ги имаше наследено од својата мајка. Инфериорен во однос на постариот брат, Мануел живееше за денот кога ќе го импресионира својот татко.
Навистина беше тешко да се импресионира моќниот Лусијано Ламас, особено да се надмине конкуренцијата како што му беше Себастијан.
Себастијан секогаш ги добиваше најдобрите резултати на училиште, беше првак во пливање и јавање. Лусијано беше горд на својот постар син и не го криеше тоа.
Тоа доцно попладне, во месец август, кога небото беше црвено а земјата беше спремна за жетва, браќата Ламас уживаа во долгите прошетки кога се слушна мотор од авион. Веднаш знаеа дека нивниот татко доаѓа по нив.
Кингерот на компанијата Фалкон, во сопственост на Лусијано Ламас, слета на земјениот пат растерувајки ги стадата овци од патот и подигнувајки прашина околу себе.
Браќата потрчаа кон авионот со сета сила која ја имаа во нозете. Доаѓањето на нивниот татко значеше дека ќе им дозволи да летаат со кингерот.
Себастијан веќе земаше часови за летање и доста страсно го сфати истото.
Кога пропалерите се сопреа, а моторот на леталото полека стивна, пилотот ја отвори вратата и слезе Лусијано.
Беше крупен маж во доцните педесети години. Изгледаше круто и надмено, како и што доликуваше за еден господин и индустријалец од негов калибар. Но, овој пат не беше сам. Со него во леталото слета и една жена, непозната за браќата.
– Себастијан…Мануел…Ви ја претставувам новата мајка.
Жената облечена во црн фустан, со темни очила и марама преку главата, стоеше триумфално покрај својот нов сопруг и гледаше во децата кој пак исплашено ја гледаа.
За Мануел и Себастијан ова беше прв пат како што нивниот татко ги запознава со жена.
Се викаше Емператриз и пред точно дваесет и четири часа, пред матичарот во Акапулко стана новата госпоѓа Ламас.
Лусијано и Емператриз се запознаа на една коктел забава на почетокот на летото. Таа беше привлечна разведена жена, а тој посакуван вдовец.
Лусијано никогаш немаше ногу време за жени и врски по смртта на саканата Марија Клара. Се посвети на работата и проширувањето на компанијата. Жените му служеа за повремена забава и релаксација по напорниот ден. Но, сега, кога животот полека му минуваше, кога неговите синови растеа од ден за ден, посака да се врзе за некоја жена која ќе му ги разубави годините во есента на неговиот живот.
Емператриз беше полна со позитевен смисол за хумор и го засмеваше како ниту една друга претходно. Најверојатно и тој смисол за хумор беше пресуден да ја побара за жена само по два месеци гледање.
Лежеа на лежалки во неговата вила во Акапулко, кога меѓу неврзан муабет ја праша дали сака да се омажи за него. Следниот ден веќе стоеа пред матичар.
По враќањето во градот, пред пријателите, соработниците и послугата во вилата каде што живееа, Лусијано ја претстави новата сопруга.
Емператриз беше кралица на коктел забавите кои ги посетуваа или организираа, а многу брзо се справи и со сите домашни обврски во куќата. Едноставно се и одеше од рака, освен еден мал детал кој што не можеше да го скроти. Постариот син на Лусијано.
Себастијан и претставуваше главоболка од првиот ден кога дојде во фамилијата. Неговата тврдоглавост и одбивање беа пречки кои што тешко ги надминуваше. Користејки ја својата манипулација, реши да разговара со Лусијано.
Беше бадникова вечер кога целата фамилија беше собрана на големата трпеза покрај декорираниот бор и подароците под истиот.
Беше прв голем празник за Емператриз во фамилијата.
– Деца, – свечено им се обрати Лусијано, земајки ја раката на својата сопруга која седеше до него на трпезата. – Јас и Емператриз донесовме одлука. Сакам да бидете максимално подготвени за денот кога ќе треба да го заземето моето место во компанијата. Особено ти, Себастијан, – значително погледна во момчето. – Ти кој си постар од својот брат. Знаеш дека во тебе ги влевам моите најголеми надежи.
– Нема потреба од толку одолговлекување, Лусијано, – мазно додаде Емператриз. – Сигурна сум дека децата ќе бидат воодушевени од идејата.
– Каква идеја?, – праша Себастијан помалку бурно. Знаеше дека секоја идеја која доаѓа од умот на таа жена не е добра идеја.
– Веднаш по нова година, ќе почнете да учите во интернат.
– Но, тато!, – крикна малиот Мануел.
– И не само тоа. Ќе учите во најдобриот интернат за млади во Европа. Следната недела летате за Мадрид и таму ќе останете додека не го завршите вашето школување. “Фалкон Ерлајнс“ расте вртоглаво. Во компанијата нема место за неспособни ниту неподготвени. Дали сум јасен?
Себастијан отвори уста да каже нешто, но Лусијано го спречи.
– Нема место за приговор. Во понеделник летате за Мадрид.
Себастијан не знаеше од каде потребата да заминат толку далеку. Стана од трпезата и без збор ја напушти просторијата, додека Емператриз задоволно се смееше. Нејзината мисија беше постигната. За сега.
Наскоро Себастијан почуствува на своја кожа зошто тоа е најдобриот интернат во Европа. Правилата беа кратки но јасни. Режимот беше затворски. Немаше време за дружење, туку само за учење и дисциплина.
Единствениот момент во денот кога имаа време за дружба со другарчињата од институцијата беа оние десет минути кои ги имаа меѓу часовите за пауза и ужина.
Бидејки беа различна генерација, браќата Ламас посетуваа различен степен на настава. На Мануел, кој беше тивок и повлечен му беше тешко да стекне нови пријателства. Соучениците го задеваа поради акцентот и фактот дека доаѓа од друга земја. Често му дофрлаа зборови или му го земаа јадењето за ужина. Но, Себастијан секогаш беше тука за него. Го бранеше од нетолерантните соученици и го штитеше помалиот брат во секоја непогодна ситуација.
Мануел беше роден со астма, но промената на климата и воздухот направи истата да се влоши по преселбата во Шпанија. Мораше многу почесто да користи инхалатор од вообичаено.
Се враќаа во Мексико секој нреден распуст. Како и целото детство, така и останатите распусти ги минуваа на имотот во Колима. Себастијан беше оптоварен со идејата да научи да управува со летало без ничија помош, па така и немаше многу време да минува со Емператриз.
Додека кингерот ги надлетуваше облаците во близина на имотот, Мануел стоеше сред поле и гледаше кон леталото со својот меланхоличен поглед, кога почуствува нечија сенка зад себе и рака која го допре неговото рамо.
– Гледаш како постариот брат учи да лета, Ману?, – го праша Емператриз. – Не биди тажен, момче. Сигурна сум дека следниот распуст, тато ќе ти дозволи и ти да управуваш со леталото.
Но, Мануел не беше сигурен во зборовите на неговата маќеа. Се плашеше дека татко му никогаш нема да му дозволи да управува со кингерот како што му дозволуваше на Себастијан.
“Ти страдаш од астма, момче, што ако добиеш напад додека управуваш на небото?! Сакаш ли да доживееш несреќа“, – уште сега можеше да замисли што би му кажал татко му.
Себастијан, пак, беше пресреќен кога безбедно го слета кингерот на земја. Ова беше прв пат како што тој самиот стоеше зад воланот на леталото. Неговиот татко само стоеше крај него.
– Не беше лошо, синко, – го бодреше Лусијано кога слетаа.
Себастијан знаеше дека тоа е максималниот комплимент кој може да го добие од тврд човек како него. Тој ден, денот кога научи да управува со леталото без ничија помош, да лета низ облаците како Господар на истите, тоа беше најсреќниот ден во неговиот живот.
Остатокот од денот, Мануел ниту го погледна постариот брат, ниту му прозборе. Не сакаше да слуша за перчењето на Себастијан ниту сакаше да ја сподели неговата среќа. Пред спиење, браќата, облечени во пижами влегоа во детската соба, кога Себастијан ги остави панталоните на столицата и од џебот испадна еден клуч.
Мануел веднаш знаеше од што е клучот.
Го подигна од подот и погледна во брата си.
– Го украде од тато?
– Мануел, остави го тоа! Цел ден не разговараш со мене, а сега уште ќе ми судиш?!
– Што ти е на ум?
– Да летам, – низ намсевка одговори постариот од браќата.
– Сам? Без тато?
– Да. Сакам да му докажам дека нема потреба да ме држи за рака.
– Ако тато дознае, ќе те отепа.
– Нема зошто да дознае, нели, Ману? Рано се враќа во Мексико Сити и нема да биде тука цел ден. Знаеш ли што значи тоа? Цел ден ќе можам да летам…да летам слободно како птица. Сега, остави го клучот и оди да спиеш. Сакам да станам рано.
Следното утро Себастијан го разбуди бучава на мотор која доаѓаше однадвор. Ги отвори очите и погледна во креветот од спротива. Мануел не беше на своето место. Клучевите од леталото не беа на бирото каде што беа оставени сношти. Изрипа од постелата и погледна преку прозорецот. Кингерот нестабилно полетуваше издигнувајки се кон облаците.
Се облече најбрзо што можеше и истрча надвор. На сиот глас викаше по својот брат кој го леташе кингерот одвај стабилно.
– Мануел, застани! Ману…Мануеллл!!!
За неполна минута подоцна, кингерот се урна во блиската шума. Себастијан само слушна силен удар и виде голем пламен оган како се издига кон небото.
Продолжува во среда