“Излегу да се рашета” – нов спот на легендарните Љубојна
Пред долгоочекуваниот предновогодишен концерт на Љубојна, групата го објави најновиот видео запис за песната „Излегу да се рашета“, кој е снимен на неколку локации низ Македонија. Спотот е една вистинска македонска приказна, топла и преполна со пејсажи кои најдобро ја опишуваат македонската убавина.
Режисер на спотот е Горан Костадинов а во продукција на „Горила продукција“, а како специјален гостин во оваа ретро музичка приказна е познатиот кларинетист Исмаил Лумановски, кој веќе долги години живее и работи во САД.
Македонската музичка сензација „Љубојна“, заедно со виртуозите Влатко Стефановски на гитара, Исмаил Лумановски на кларинет и Џамбо Агушев на труба, на 17 декември во арената „Борис Трајковски“ ќе одржат предновогодишен концерт, во организација на „Горила продукција“. Како што веќе пишавме, на овој концерт „Љубојна“ ќе го промовира седмиот студиски албум „Шербет Љубојна“, а ќе ги изведат и песните од нивните претходни музички проекти „Музика на дланка“ и „Песна за мојата песна“.
Концертите на „Љубојна“ последните неколку години во Скопје станаа традиција на предновогодишно собирање и славење на радоста и музиката на овој музички состав. Влезниците за концертот ќе бидат пуштени во продажба на 25 ноември, во салоните на „Оне“, „Југотон“ и останатите продажни места на www.mktickets.mk.
Во продолжение, погледнете го најновиот запис :
Дани | ТВ Пакет