Детална програма за претстојниот тринаесетти Моден викенд Скопје кој ќе се одржи од 1 до 4 април.
Тринаесет модни ревии, презентации на нови брендови и забава под маски се само дел од програмата на тринаесеттиот Моден викенд Скопје кој ќе се одржува од 1 до 4 април под мотото „Да живеат осумдесеттите!”.
Ревискиот дел кој ќе се одржува од 1 до 3 април во салонот „Порше Македонија” ќе го отвори дизајнерката Росица Мршиќ со колекција инспирирана од женските ликови од портретите на сликарот Амадео Модилјани. Истата вечер на 1 април, ревии ќе имаат и дизајнерките Олгица Ѓоргиева со парчиња облека кои ги следат светските модни трендови споени со нејзиниот веќе познат стил и Силвија Михајловска (модно ателје Алшар) поддржана од „Скопско”. Колекцијата на Михајловска наречена „Sakura (In)Fusion” ќе биде надополнета со рачно изработен накит инспириран од колецијата а дизајниран од Елена Ристовска. Веднаш по ревиите во „Порше Македонија” ќе следува и забава под маски со музички хитови од осумдесеттите.