Со гостување во соседна Србија, Калиопи ја започна промотивната евровизиска турнеја. Турнејата започна од Белград, со гостување на националната Радио Телевизија Србија, а во тридневниот престој Калиопи оствари и голем број други интервјуа и гостувања за српските радио и телевизиски медиуми. Регионалната промотивната турнеја продолжува со посета на Босна и Херцеговина, Словенија и Хрватска, по што следниот викенд Калиопи ќе настапи на гала забава во Москва. Во руската претолнина Калиопи ќе има организирано дружење со фанови, како и пресконференција за медиуми кои освен од Русија за овој настан ќе допатуваат и од Белорусија и Азербејџан.
На 9-ти април Калиопи ќе престојува во Амстердам, Холандија, кадешто се одржува најголемиот промотивен настан по повод Евровизија, Eurovision in concert. Досега дваесет и четири земји го имаат потврдено учеството на овој промотивен концертот кој ќе се одржи во салата Мелквек кадешто и Калиопи ќе настапи пред бројните фанови и евровизиски медиуми и ќе ја претстави во живо „Дона ″.
Богатата агенда продолжува за Лондон и деветтото издание на Лондонската евровизиска забава, која ќе се одржи на 17-ти април, во срцето на западен Лондон и популарното Cafe de Paris.
По повод присуството на Калиопи во Лондон се обрати и евровизискиот фан клуб на Велика Британија, па во нивното официјално соопштение стои : „Како еден од најголемите евровизиски фан клубови во светот, сосема е соодветно да реагираме и да ја донесеме најголемата евровизиска ѕвезда на забавата во Лондон. Ние знаеме дека Калиопи најсилно ќе ги прегрне своите фанови и ќе понуди перформанс од светски калибар, затоа со задоволство, само сега и за Калиопи ќе го спонзорираме нејзиното патување и престој во Лондон“.
Во рамките на промо турнејата, во втората половина на април, планирани се и гостувања во Тирана и Софија.
Паралелно се работи и на сценскиот настап, подготовка на промотивниот материјал како и на севкупната агенда за престојот на македонската евровизиска делегација во Стокхолм.
Изборот на песна за Евровизија ќе се одржи на 10, 12 и 14 мај во Глоуб арената во Стокхолм, а нашата претставничка Калиопи ќе настапи во Второто Евровизиско Полуфинале на 12-ти мај со песната „Дона“.
{gallery}kaliopi-evro{/gallery}