Македонската евровизиска претставничка Калиопи викендов престојуваше во Москва, кадешто на покана на организаторот на еден од најголемите промотивни евровизиски настани, за прв пат во живо ја изведе евровизиската тема „Дона“. Најавена на сцената како поп дива од прекрасната Македонија чиј фан клуб ја очекува во публиката, Калиопи со своите импресивни вокални способности и енергија на сцената, го забележа, според добиените коментари, најмоќниот настап вечерта. Концертот се одржа во прекрасната сала Известиа, пред околу илјада гости, а истата вечер настапија и евровизиските претставници на Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Израел, Малта, Молдавија, Шпанија, Швајцарија, Кипар и домаќинот Русија.
Следена на секој чекор од своите фанови, коишто ја паметат по нејзиниот настап од Баку, во 2012-та година, Калиопи подели бројни автограми на специјално организирана средба со својот фан клуб од Москва, а беше дел и од официјална пресконференција, посетена од голем број новинари и телевизиски екипи.
„Пресреќна сум што сум во Русија, земја со прекрасен народ и богата историја, а за мојата прекрасна земја Македонија на Евровизија ќе се потрудам да донесам песна и настап коишто ќе се паметат многу долго. Евровизискита фанови ме вратија на Евровизија и со голема среќа ја прифатив поканата од Македонската телевизија, бидејќи повторно ја добивам можноста да направам нешто за мојата земја, но и за нив, моите евровизиски фанови“, изјави Калиопи на пресконференцијата.
Меѓу медиумите коишто со задоволство очекуваа повторно да ја видат Калиопи беа не само специјализираните евровизиски портали, туку и националните телевизии на Азербејџан, Русија, Белорусија и Украина.
Следниот промотивен настан е Eurovision in concert закажан за 9-ти април, во Амстердам. Станува збор за најголемиот промотивен евровизиски концерт, кадешто годинава учество ќе земат 25 земји.