Шпанскиот заводник Енрике Иглесиас вчеравечер не ја штедеше својата енергија и направи досега невиден спектакл во ВИП Арена, Борис Трајковски. Публиката која броеше 10.000 од сите возрасти беше цела на нозе и во еден глас заедно со Енрике беа испеани најголемите хитови како „Bailando“, „Tonight“, „Bailamos“, „El Perdon“ и други.
Шоуто кое траеше час и половина постојано ја држеше атмосферата на високо ниво, а Енрике ја испочитува буквално целата публика со тоа што се качуваше по трибините само за да ги прегрне своите фанови и да направи по некоја фотографија со нив. Моментот што сите ги изненади беше кога Енрике премина од едната страна на арената кон другата и се појави на импровизирана сцена за да ги испочитува и оние што беа најдалеку од сцената. Некаде околу средината на концертот Енерике со чашка во рака наздрави со целата арена на македонски јазик, „НАЗДРАВЈЕ“, рече тој.
Енрике на крајот изненади што не се врати на бис иако публиката постојано го повикуваше, а на многумина не им се веруваше ниту пак дека тој замина без поздрав. Од Авалон продукција известуваат дека тој изјавил оти ова било најдобриот концерт годинава од неговата турнеја и дека сигурно повторно ќе ја посетел оваа земја.
фото: Ѕвонко Плавевски