Почина пејачот на “Abrazame muy fuerte”
Вчера, недела, 28 август 2016, во 67-та година од својот живот, од срцев удар почина мексиканскиот пејач-кантавтор, композитор, музичар, актер и продуцент Алберто Агилера Валадез, познат како Хуан Габриел.
Оваа трагедија се случи на два дена по одржување на концерт како дел од неговата музичка турнеја “Мексико е сè” (MeXXico es todo) во Санта Моника во сојузната американска држава Калифорнија.
“Тој беше една од најголемите мексикански легенди, творец на многу хитови и една од најголемите икони во нашата музичка историја. Вистински жалам за неговата смрт и сочувство до семејството” – изјави претседателот на Мексико, Енрике Пења Нието.
За себе пејачот кажуваше дека е одличен композитор и добар пејач, но ужасен глумец. Имал многу тешко детство, како мал останал сирак и бил малтретиран, па единствената утеха ја нашол во музиката која за него стана најголема љубов. Позади себе остави 32 студиски албуми, многу хитови кои ги препееа имиња како Марк Ентони и Алехандро Фернандез.
На македонската телевизиска публика, Хуан Габриел ќе и`остане познат како пејачот што ги отпеа песните на теленовелите “Прегрни ме цврсто”, “Маријана” и “Невина”.
Дани | ТВ Пакет