Блеклист – уште еднаш на МТВ 1, веднаш по “Куќа од карти”
Од понеделник до петок на МТВ 1 во 21.50 часот ќе се репризира американската хит серија “The Blacklist” (Црната листа), емитувана минатата сезона. Дејството на оваа мистериозна крими – драма се одвива во ФБИ, а ним на помош им е еден од најголемите криминални умови – Ред Редингтон. За улогата на Ред Редингтон во „Црна листа“, Џејмс Спајдер е номиниран за Златен Глобус во 2014-та и 2015-та за најдобар главен актер во серијата, а во 2014-та серијата е добитник на престижната „ЕМИ“ награда.
Млада агентка на ФБИ е вовлечена во таинствените планови на еден генијален криминалец. Дејството на оваа возбудлива серија го следи Рејмонд „Ред“ Редингтон, поранешен агент на американската влада, а сега е еден од најбараните светски криминалци. По 20 години живот во сенка, Рејмонд одеднаш се појавува во седиштето на ФБИ и смирено се предава. Откако долго време бил на листата на најбараните злосторници, Рејмонд Ред Редингтон му се предава на Харолд Купер, помошник директор на одделот на ФБИ, за сузбивање на тероризам. Рејмонд му го нуди на Харолд српскиот терорист Ранк Замани, за кого се верувало дека со години е мртов.
Но, Ред ја одбива понатамошната соработка се додека не добие можност да разговара со новата агентка Елизабет, која се бави со криминалистичко профилирање. Тој изработува таканаречена „Црна листа“, попис на најопасните светски криминалци, и подготвен е истиот да го предаде на агентите на ФБИ. Но, Рејмонд поставува само еден услов – да соработува со Елизабет.
Елизабет или Лизи, како што ја викаат најблиските, токму тој ден започнува со работа како специјален агент. Коинциденција, или можеби сепак не? Таа се сретнува со Редингтон и веднаш сфаќа дека тој знае застрашувачки многу работи за неа и за нејзината фамилија, интимни работи кои никој не би требало да ги знае. Исто така тој ја предупредува дека во текот на денот еден познат терорист ќе ја киднапира ќерката на еден генерал. Елизабет го прашува дали треба да му верува, а тој ѝ вели: „Секако дека не. Јас сум криминалец.“ Но, сепак излегува дека тој е во право и откако нема да успее да го заштити девојчето, таа решава да побара помош од него во нејзината потрага.
Она што е навистина интересно и различно во оваа ТВ серија е тоа што е обвиена со премногу мистерија. Како што ќе поминуваат сцените така вие сè повеќе ќе сфаќате дека навистина не знаете што се случува. Секоја нова сцена ви носи нови прашања – која е Елизабет, дали таа крие нешто во врска со нејзиното минато, која е нејзината поврзаност со Редингтон… На еден момент дури ќе помислите и дека нејзините најблиски можеби не се оние кои се претставуваат дека се. А што се однесува до Редингтон, уште веднаш може да се забележи дека неговата цел не е онаа која што тој вели дека е. Тоа е уште едно прашање кое дополнително ја зачинува оваа неверојатно комплицирана приказна. „Црната листа“ е навистина одлична ТВ серија за која вреди да одвоите дел од вашето време.