„Live Band“ (Лајв бенд), деновиве ја промовираат својата прва песна, заедно со првиот спот. Песната е со наслов „Туѓина била маќеа“, а истата е со карактеристичен македонски стил кој групата го негува од самото свое формирање.
– Песната ја покажува болката на македонскиот народ од минатото и тешкиот живот во туѓина. Снимањето беше еден дел во Скопје, додека друг дел во соседна Грција. Се надеваме дека оваа песна ќе и се допадне на македонската публика тука кај нас и на нашинците надвор од Македонија, вели Орде Неделковски, фронтменот на групата и изразува надеж дека истата ќе стане уште една од многуте македонски хитови кои се пеат на сите веселби.
Фротменот на бендот на својата публика и ветува уште многу вакви проекти, спотови и нови песни, како и учества на нашите фестивали.
– Можеме да откриеме за вашите читатели дека бендот веќе работи на нова песна која публиката ќе има можност да ја слушне за многу краток период. Благодарност до сите оние кои неуморно не поддржуваат и се наша поддршка на која секогаш се потпираме, благодарност и до вас, и се разбира до целиот наш тим соработници, вели Неделковски.
Live Band од Скопје е музичка група составена од шест члена, која постои веќе три ипол години на македонската естрада. Најчесто публиката може да ги види на свадбените прослави, но секако и на многу други музички манифестации .
Бендот негува македонска изворна музика и во составот ги има едни од најубавите изворни инструменти како зурлата, кавалот и тапанот.