DAMIEN DUBROVNIK & STRING FORCES
08.12.2017 [Петок] @ 19:00
Електронска музика / Мала сала
Деветтото издание на Desonanz 2017 во Скопје го носи несекојдневниот проект, Damien Dubrovnik, на двајца од најпрославените модерни композитори во современата музика и сопствениците на културниот феномен и издавачка куќа posh isolation од Копенхаген, Loke Rahbek и Christian Stadsgaard. Настапите во живо на Damien Dubrovnik се легендарни не само поради техничката перфекција на звучниот дизајн во нивната музика, туку и по нивните луцидни сценски перформанси и неверојатната харизма која ја носат на сцена.
Публиката ќе има можност да го проследи и ексклузивниот проект на македонските етноџез експериментатори String Forces (во комплетен состав). Специјалниот аудиовизуелен перформанс насловен “Копај подлабоко” ќе понуди подлабок осврт на опусот на String Forces, со особен акцент на нивните музички експерименти подалеку од популарната музика, како и неколку уникатни, подлабоки и психоделични верзии на препознатливите хитови.
Вечерта ќе ја отвори Vedis, електроакустичниот проект на Klara која вооружена со својот глас и неколку егзотични инструменти ќе ја одведе публиката на магично аудио-визуелно патување.
Delta Funktionen
Време: 23:00
Место: Сала 25 мај
Организатор: Desonanz Festival & Taksirat Festival
На клупската програма на деветтото издание на Desonanz Festival ќе настапи истакнатиот ветеран на светската хаус, техно и електро сцена, Delta Funktionen од Берлин. Сетовите на Delta Funktionen се легендарни во својата техничка софистицираност и прецизност како и сировата креативна енергија која го движи подиумот низ неговите препознатливо долги сетови. Оваа година Delta Funktionen со неговите настапи ги запали берлинските Tresor и Berghain, ја започна својата резиденција во Shelter Amsterdam и приреди незаборавна журка во клубот Epicentar во Скопје.
За своите сетови, Delta Funktionen вели дека раскажува приказна која не води низ непознати градови од иднината исполнета со широка палета на бои и емоции, но и чувство на слобода и забава. Неговата музика е подеднакво технички прецизно изведена и раскошно имагинативна, а дискографијата му брои три албуми и бесконечна низа на плочи.
Приказната на вечерта ќе ја започне Apostolski (Drop Series), чии вешти миксови и еклектичен избор совршено ја загреваат атмосферата, а вечерта, завршен збор ќе има Mitrik (Room 313).
Headless horseman
Време: 23:30
Место: Сала 25 мај
Организатор: Desonanz Festival & Taksirat Festival
На втората ноќ од клупската програма на Desonanz 2017, ќе настапи маскираниот берлински техно/IDM продуцент Headless Horseman. Headless Horseman е мистична фигура на електронската сцена и највозбудливиот хардверски техно перформанс во моментов на планетата. Неговите концерти/настапи во живо се врвен доказ за техничката спремност, но и сценографската ексцентричност која Headless Horseman ја поседува во изобилие и ја покажува на камера за Boiler Room Berlin, како и низ настапите во Berghain, Corsica Studios, Razzmatazz, Tresor, Circus Tokyo.
Овој перформанс е негово деби во Скопје и дел од светската турнеа на неговиот албум и видео проект „Sanctuary“.
За загревање на публиката пред настапот на Headless Horseman ќе се погрижат Maggie
(Code XX), Bodan Jamakoski (Audiobahn), Andreas Hz (Broccoli) и Martchin (BTKRSH).