Сабота и недела во 14 часот – нови епизоди
Од овој викенд, Сител телевизија го менува терминот на емитување на германската драмска серија “Докторот од планината”. Ако досега се емитуваше за викенд во 18 часот, од сега ќе биде исто така за викенд но во 14 часот. Досега од оваа драма се снимени над 100 продолженија, а серијата веќе се емитуваше во дневните термини и во земјите од регионот.
За потсетување што гледавте во првите епизоди од серијата – се запознавме со хирургот Мартин Грубер, кој по пет години патувања во Минхен, Париз и Њујорк, реши да се врати во своето родно село по повод роденднеот на неговата мајка. Кога доаѓа во Елмау, се шокира од трагедијата што се случила – починала неговата некогашна најголема љубов, жената која се омажила за неговиот брат Ханс. По погребот, по долго време, повторно го сретна својот ментор, доктор Роман и својата внука од брат, Лили. Доктор Роман му предлага на Мартин да ја превземе неговата ординација во селото, затоа што самиот планира да се пензионира.
На почетокот, др Мартин не е сигурен дали треба да ја прифати понудата или не, но неколку фактори ќе влијаат на тоа да самиот тој остане во местото. Открива дека Лили не е негова внука, туку негова ќерка, а имајќи ја и во предвид потребата на селаните од неговата медицинска помош, решава да остане во селото, да ја превземе ординацијата и да стане доктор во планината.
Секоја епизода, нова приказна. Секоја епизода, нов обид на Мартин и Ханс да ги спасат жртвите од несреќи во планината или планинарите заробени од изненадувачките бури. Прекрасен, но опасен планински амбиент ги очекува јунаците на оваа медицинска драма. Топла семејна приказна снимана во недопрената природа на Алпите. Драматична и возбудлива комбинација на емоции, акција и извонредна актерска екипа. Секоја сабота и недела, во 14 часот на Сител, нови продолженија од играната серија – “Докторот од планината”.
Улоги : Hans Sigl, Heiko Ruprecht, Monika Baumgartner, Ronja Forcher, Natalie O’Hara, Siegfried Rauch
Дани | ТВ Пакет