Ѕвездата на “50 shades of grey” во крими серија на 1 ТВ
Од вечерва (22 јануари) на 1 ТВ започнува британскиот психолошки трилер “The fall”. Серијата, добитничка на ЕМИ и Златен Глобус, ќе се емитува секои вторник и четврток во 23.30 часот.
Џилиен Андерсон и Џејми Дорнан ги играат главните улоги во овој напнат психолошки трилер за двајца „ловци”. Едниот од нив е масовен убиец кој напаѓа случајно одбрани жртви, а другиот ловец е успешна и амбициозна инспекторка чија задача е да го фати убиецот. Во почетокот, тимот во Белфаст не ја прифаќа најдобро, но со текот на времето таа успева да докаже дека одлично ја познава психологијата на масовните убијци и знае што треба да прави.
Откривајќи како работи модерна екипа од врвни истражители, кога се соочуваат со ноќен кошмар на секој полицаец, оваа интригантна серија повеќе изгледа како игра меѓу мачка и глушец отколку на класичен криминалистички заплет. Како што се одвива дејствието, ловот по убиецот станува повозбудлив, а истражителските способности на инспекторката Гибсон се пред големо искушение.
Во првата епизода се запознаваме со двајцата главни ликови – убиецот и инспекторката. Инспекторката Стела Гибсон доаѓа во Северна Ирска за да помогне во истрагата за убиството на една жена во Белфаст. И додека патува од Лондон, гледачите дознаваат многу работи за убиецот Пол Спектор. Тој вешто се прикрадува во замрачената куќа на младата правничка Сара Кеј, и и’ остава своја „визит-карта“, на тој начин што и’ ја подредува облеката врз креветот.
Кога ќе дојде дома, Сара се шокира од глетката и повикува полиција, но детективите се немоќни бидејќи не можат да откријат никакви знаци на грабеж. Кога Спектор се враќа дома, го гледаме во сосема поинакво издание, каде што го дочекуваат две деца и вљубена сопруга.
Дани | ТВ Пакет