Почетна / Телевизија / Реакција на телевизија Телма до штабовите на политичките партии

Реакција на телевизија Телма до штабовите на политичките партии

Штабовите на претседателските кандидати за време на кампањата на претседателските избори, не бираат средства за да ја постигнат целта, што е разбирливо затоа што водат остра кампања по прв круг со безмалку изедначен резултат, но сметаме дека е некоректно во таа кампања да ја злоупотребуваат ТВ Телма и да ги навредуваат нашите новинари – конкретно Снежана Лупевска.

Пред првиот круг кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова единствена од трите кандидати не прифати гостување на жешкото столче на Топ Тема. Без никакво објаснување. Од тоа телевизијата, не правеше медиумски спектакл, свесни дека станува збор за изборна кампања и дека секој има право да си одбере тактика, стратегија и дали ќе прифати или одбие гостување на некоја телевизија.

Токму од тие причини, ТВ Телма по првиот круг од претседателските избори не и замери на Гордана Силјановска и ја покани на дебата со противкандидатот Стево Пендаровски, која беше прифатена. Терминот предложен за дебата на ТВ Телма беше 24.04.2019.

Од штабот на Стево Пендаровски усмено бевме известени дека поради обврски не е во можност да дојде на дебата на ТВ Телма планирана за 24.04.2019. Можеби подоцна ќе можеше да биде пронајден термин кој им одговара на двајцата кандидати, со оглед дека нашата писмена покана беше упатена до 03.05.2019.

Водителката на Топ темата на 24.04. 2019 Снежана Лупевска, откако беше известена дека Стево Пендаровски не може да присуствува на дебата на 24.04.2019 и понуди на Гордана Силјановска да гостува на жешко столче, со оглед на фактот што таа не ја искористи таа можност пред првиот круг, но Гордана Силјановска не прифати.

Новинарите во телевизијата, не замерија никому. Професионално, во многу кус рок, организираа друга дебата во Топ тема. Со оглед на одредена врева и шпекулации по разни портали, водителката Снежана Лупевска, ги објасни сиве овие факти, и ги претстави гостите за Топ тема на 24.04.2019.

За жал, таа потоа беше нападната од штабот на Г-дин Пендаровски, сосема неосновано дека наводно не ја зборува вистината. Снежана Лупевска нема никаква потреба да ја лаже јавноста, а особено не за вакви секојдневни работи од новинарската професија, и реакцијата на штабот на Стево Пендаровски во која Лупевска е обвинета дека лаже, и од неа се бара извинување е неумесна и претерана. Да биде фарсата поголема, ВМРО-ДПМНЕ се најде повикано да ја брани ТВ Телма и новинарката Лупевска и партијата побара штабот на Стево Пендаровски да и се извини на ТВ Телма.

ТВ Телма и Снежана Лупевска лично, имаат целосно разбирање за изборната кампања и борбата за секој глас, барајќи било каква слабост на противкандидатот. Но сакаат професионално да известуваат, и да организираат дебати за јавноста да добие појасна слика за идеите и концептите на претседателските кандидати, и не сакаат ниту да заземаат страна, ниту да бидат инструментализирани во дневно-политички цели на претседателската кампања. Апелираме до штабовите на двајцата кандидати да се фокусираат на важни теми одлучувачки за изборот на идниот претседател на државата, а не со ТВ Телма и Снежана Лупевска.

реакцијата е целосно пренсена од telma.com.mk

| ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Доделени престижните ЕУ награди за истражувачко новинарство

Се доделија престижните награди за истражувачко новинарство 2024 година на која беа наградени најдобрите стории …

Leave a Reply

error: Содржината е заштитена!