Уште една музичка соработка од денеска заѕвонува во македонскиот радиски етер. Станува збор за новата песна на Христијан Тодороски – Кико „На овој свет“ во која му гостува неговиот колега од шоуто „Македонски Идол“, Денис Мурат. „На овој свет ти си ми се и не сакам да помислам јас, не, дали некој друг е до тебе…“ пејат Кико и Денис во нумерата чиј комплетен автор е Јован Јованов.
– „После неколку месеци издавам нов сингл, кој за разлика од претходниот е во побрз ритам и се надевам дека ќе и се допадне на публиката. Со Денис сме пријатели уште од шоуто Идол, па соработката излезе сосема спонтано. За песната планираме да снимиме и видео запис“ – изјавува Кико.
И „На овој свет“, како и претходните четири песни, ќе се најде на деби албумот на миленикот на младата женска популација чие издавање „Мак Мјузик“ продукција го најавува за наесен.
Албумот веќе се работи во студио Јованови, а во меѓувреме Кико се подготвува за неговиот настап на овогодишното издание на Макфест.
Гоце | ТВ Пакет